Израел се согласи на примирје со Хезболах, но Нетанјаху има услов за завршување на војната

Израелската Влада вечерва на владина седница официјално ќе изгласа примирје со исламистичката група Хезболах со која е во војна повеќе од една година, потврди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во обраќање до јавноста тој рече дека ова не е крај на војната, додавајќи дека нема крај на војната додека сите Израелци кои избегаа поради ракетните напади на Хезболах во изминатата година не се вратат во своите домови на северот на земјата. Тој исто така рече дека Израел сега ќе се фокусира на заканата што ја претставува Иран.

https://twitter.com/SkyNews/status/1861475850832486518

Нетанјаху го почна својот говор обраќајќи им се на жителите бегалци од северен Израел, велејќи дека е горд на нивната истрајност и издржливост. Тој рече дека благодарение на храброста на израелските одбранбени сили се постигнати големи успеси. Според него, акцијата на ИДФ ја одразува моќта на Израел на Блискиот Исток.

– Во Либан, Хезболах повеќе не е истиот – рече Нетанјаху, додавајќи дека израелската војска убила високи команданти и Насрала, поранешниот лидер на Хезболах.

– Израел, исто така, уништи инфраструктура на Хезболах и „нападна клучни цели“ – додаде тој.

Нетанјаху истакна дека ги „гледа сите седум фронтови“ и „пошироката, поголема слика“ и оти е „решен да му донесе победа на Израел“.

Во војната меѓу Израел и милитантната група Хезболах поддржана од Иран загинаа речиси 3.800 луѓе во Либан во текот на изминатата година, додека околу 16.000 беа ранети.