Израел се закани дека ќе ги избрише иранските лидери „од лицето на Земјата“

Израелскиот министер за економија Нир Баркат во неделата предупреди дека војската е подготвена да ја „елиминира“ милитантната група Хезболах со седиште во Либан и да го нападне Иран доколку отворат „северен фронт“ во сегашниот конфликт.

„Планот на Иран е да го нападне Израел на сите фронтови. Ако откриеме дека имаат намера да го таргетираат Израел, нема да возвратиме само на тие фронтови, туку ќе одиме до главата на змијата, што е Иран“, изјави Баркат за Мејл во неделата. Тој додаде дека „ајатоласите во Иран нема да спијат добро ноќе“ ако се движат против Израел.

Баркат предупреди дека Либан и Хезболах, кој е поддржан од Техеран, „ќе платат висока цена, слично на она што Хамас ќе го плати“.

Израел ќе тргне „по шефовите на Иран“ доколку е потребно, рече министерот. „Израел има многу јасна порака до нашите непријатели. Им велиме, погледнете што се случува во Газа – ќе го добиете истиот третман ако не нападнете. Ќе ве избришеме од лицето на Земјата“.

Изјавата дојде откако иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан во понеделникот рече дека безбедносната ситуација за Израел може многу брзо да се влоши. „Ако воените злосторства против Палестинците не бидат веднаш запрени, ќе се отворат други повеќекратни фронтови и тоа е неизбежно“, рече тој.

Иранскиот дипломат, предупредувајќи ги САД и Израел посочи дека, доколку не престанат да ги малтретираат Палестинците, „се е можно во секој момент и регионот ќе излезе од контрола“. Амир-Абдолахиан додаде дека понатамошната ескалација ќе има „далекосежни последици“.

ИДФ и Хезболах постојано разменуваа оган откако избувнаа борбите меѓу Израел и Хамас на почетокот на овој месец. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека Хезболах ќе претрпи „невидено уништување“ доколку официјално се приклучи на војната.

Израелската армија изврши неколку големи упади во Либан за да се бори против тамошните милитанти во минатото. Последната инвазија се случи во 2006 година.

На 7 октомври, Хамас и сојузничките палестински групи нападнаа повеќе израелски населби, поради што Израел започна со воздушни напади врз Газа. Според официјални лица од двете страни, убиени се повеќе од 1.400 Израелци и над 4.300 Палестинци.