![izraelska vojska gaza](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/563769.jpg?resize=696%2C378&ssl=1)
Израел во средата се закани дека ќе започне „нова војна“ во Појасот Газа што ќе овозможи спроведување на планот на Доналд Трамп да ја испразни палестинската територија од нејзините жители, доколку движењето Хамас не ги ослободи заложниците до сабота.
Непосредно пред овие изјави на израелскиот министер за одбрана Израел Кац, палестинското исламистичко движење потврди дека нема да попушти пред американските и израелските „закани“ за обнова на војна. Во меѓувреме, Египет и Катар водат разговори за да се обидат да го спасат прекинот на огнот, кој е на сила од 19 јануари во првично времетраење од 42 дена, додека Хамас испрати делегација во Каиро. Прекинот на огнот привремено ги прекина борбите по 15-те месеци војна, а во замена за палестински затвореници се случија пет размена на заложници држени во Газа. Но, заканите на Хамас дека нема да ослободи група заложници како што беше планирано на 15 февруари, проследено со заканите од Израел, поддржани од неговиот сојузник САД, за продолжување на војната, го ослабнаа договорот за прекин на огнот, чии подоцнежни фази допрва треба да се преговараат, оценува AFP.
„Ако Хамас не ги ослободи израелските заложници до сабота, портите на пеколот ќе се отворат (…), како што вети американскиот претседател“, изјави во средата Израел Кац.
„Новата војна во Газа ќе биде со различен интензитет од онаа што му претходеше на прекинот на огнот (…), исто така, ќе помогне да се конкретизира планот на американскиот претседател Трамп за Газа“, додаде тој.
Пофален во Израел и осуден ширум светот, проектот објавен од Доналд Трамп планира да ја стави Газа под контрола на САД и да ги пресели нејзините 2,4 милиони жители во Египет или Јордан, со цел да се обнови територијата.