Илјадници луѓе се собраа на улиците на Тел Авив во четвртокот вечерта, околу семејствата на заложниците заробени во Појасот Газа, за да одбележат 300 дена од нивното грабнување.
„Нема победа без враќање на заложниците“, скандираа демонстрантите, носејќи жолти маици со натпис „Договор или напуштање“ и носејќи портрети на своите најблиски.
Форумот за заложници, кој застапува дел од роднините на киднапираните на 7-ми октомври, повика на оваа поворка, а потоа и на митинг во Тел Авив, под името „Доста е, бараме договор“.
На 7-ми октомври, припадници на милитантните палестински исламистички групации изведоа напад без преседан според масовноста, координираноста и свирепоста, од Појасот Газа врз воени бази, населби (кибуци) и градови во јужен Израел, во кој убија 1.197 луѓе, повеќето од нив цивили а најмалку 218 припадници на израелските безбедносни формации. Од 251 грабнати тој ден, 111 сѐ уште се држат во Газа, од кои 39 се мртви, според израелската војска.
Како одговор, Израел започна офанзива во Појасот Газа во која досега загинаа, според податоци од пред речиси еден месец, 39.480 луѓе, од кои најмалку две третини се деца и жени, а уште десетина илјади се водат како исчезнати под урнатините во енклавата, според Министерството за здравство на владата во Газа предводена од Хамас.
„Денеска одбележуваме 300 дена откако повеќе од 1.200 невини луѓе беа насилно убиени и стотици киднапирани во Газа“, пишува во соопштението на Форумот.
Се нагласува дека меѓу заложниците се и две мали деца, Кфир Бибас, кој во моментот на киднапирањето имал само девет месеци и Ариел Бибас, кој во заробеништво ќе го прослави петтиот роденден, додава Форум. Во соопштението се повикуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху и израелската влада да го потпишат договорот предложен од американскиот претседател Џо Бајден.
Преговорите за прекин на огнот поврзани со ослободувањето на заложниците, планирани за минатата седмица во Катар, се одложени, изјави извор близок до преговорите. Нетанјаху во четвртокот вечерта објави дека одржува консултации во врска со заложниците со безбедносните службеници.
Аналитичарите предупредуваат дека има само шпекулации за постигнат договор и не се знае дали скорешен договор навистина бил на повидок и пред убиството на Исмаил Ханија, политичкиот лидер на Хамас убиен во Техеран во средата во напад за кој е обвинет Израел.