Од почетокот на војната во Појасот Газа, Израел спроведува систематска политика на злоупотреба и тортура врз затворениците, подложувајќи ги палестинските затвореници на процедури кои се движат од произволно насилство до сексуална злоупотреба, објави во својот извештај израелската група за човекови права B’Tselem.
Според B’Tselem, извештајот објавен во понеделникот се заснова на интервјуа со 55 Палестинци од Газа, Западниот брег и Израел кои се држат во израелски затвори по нападот на Хамас врз јужен Израел ланскиот 7 октомври, што ја започна тековната војна, и дека на повеќето од нив вооопшто не им е судено..
„Сведоштвата јасно укажуваат на систематска, институционална политика насочена кон континуирана злоупотреба и тортура на сите палестински затвореници кои ги држи Израел“, се вели во извештајот.
Израелската војска, која раководи со некои затворски објекти во кои се држат палестински затвореници, вели дека дејствувала во рамките на владеењето на правото и дека се истражени сите конкретни наводи за злоупотреба.
„Израелската војска категорично ги отфрла наводите за систематска злоупотреба, вклучително и сексуална злоупотреба, во нејзините објекти за притвори“, се вели во извештајот, додавајќи дека се воспоставени механизми за надзор за да се обезбеди управувањето со објектите во согласност со законот.
Портпаролот на израелската затворска служба IPS изјави дека сите затвореници се третираат во согласност со законот и дека сите основни права целосно се спроведуваат од професионално обучени чувари.
„Не сме свесни за наводите што ги опишавте и според нашите сознанија, такви настани не се случиле под одговорност на IPS“, рекол портпаролот за Reuters, додавајќи дека затворениците имаат право да поднесуваат жалби кои ќе бидат целосно испитани и истражени.
Извештајот на B’Tselem дојде неколку дена откако израелската армија приведе девет војници обвинети за сериозно малтретирање затвореници во воен објект во пустината Негев. Израелскиот печат наведува дека војниците се обвинети за сексуално злоставување на припадници на елитната единица Хамас.
Извештајот ги детализираше наводите дека палестинските затвореници биле подложени на произволно тепање, понижувачки третман и лишување од сон, како и „повторувана употреба на сексуално насилство, во различен степен на сериозност“.
„Севкупната слика укажува на злоупотреба и тортура извршени по наредба, во груб пркос на обврските на Израел според домашното и меѓународното право“, се вели во извештајот.
„Крајно понижување“
Фатија Абу Муса вели дека третманот на кој била подложена бил секојдневно понижувачки и дека била држена со лисици и синџири дури и кога била ослободена од притворот во јули. Израелските власти ја држеле во затвор без да бидат покренати никакви обвиненија против неа.
„Храната е многу лоша и ни ја даваат на понижувачки начин. Ни даваа два оброка дневно, без облека или шампон за капење или туширање. Лицето ми се воспали во осип на душекот. Тоа беше крајно понижување таму“, изјави Абу Муса за Reuters.
Наводите за злоупотреба на затвореници постојано се појавуваа за време на војната во Газа, што го зголемува меѓународниот притисок врз Израел поради неговото справување со 10-месечниот конфликт.
Во извештајот на B’Tselem, група која ги документира израелските прекршувања на човековите права на окупираниот Западен брег и други области, се вели дека третманот на затворениците е намерна политика спроведена под екстремно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир.
Портпаролот на затворската служба изјави дека по нападот на 7 октомври, Бен-Гвир наредил да се заострат условите во затворит за да се сменат условите што претходно беа дозволени.
Кадура Фарес, шеф на Комитетот за затвореници и поранешни затвореници на Палестинската ослободителна организација (PLO), го повтори повикот за меѓународна истражна комисија за третманот на затворениците за да се повика Израел на одговорност.
„Имаме документација за злосторствата извршени од Израел врз палестинските затвореници во неговите затвори и имаме ужасни сведоштва за тоа на што се подложени затворениците, било да е тоа тортура, силување и други злосторства“, рече Фарес.