Израел со нов предлог за прекин на огнот во Газа

Израел испратил до Хамас ажуриран предлог за договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците, објави веб-страницата Аксиос, цитирајќи израелски официјални лица.

Според нив, „ажурираната рамка за договор не е значително различна од предлогот за кој беше преговарано во август“. Новиот предлог е пренесен до Хамас преку Египет, кој сега е главен канал за преговори.

Официјалните лица посочуваат дека „Хамас покажува поголема подготвеност и флексибилност за спроведување дури и делумен договор“.

Ројтерс претходно објави дека Стивен Виткоф, изборот на Доналд Трамп за негов специјален пратеник за Блискиот Исток, се сретнал со премиерите на Катар и Израел „за да го започне дипломатскиот притисок на новоизбраниот претседател на САД да помогне да се постигне примирје во Газа и договор за ослободување на заложниците пред ја преземе функцијата на 20 јануари“.

Тензиите повторно се разгореа на Блискиот Исток на 7 октомври 2023 година, кога милитантите на радикалното палестинско движење Хамас со седиште во Појасот Газа извршија ненадеен напад на израелска територија од Газа, убивајќи жители на израелските погранични населби и земајќи околу 250 заложници. Хамас го опиша својот напад како одмазда за агресивните дејствија од страна на израелските власти против џамијата Ал Акса која се наоѓа во стариот град на Ерусалим. Како одговор, Израел прогласи целосна блокада на Појасот Газа, започнувајќи воздушни напади врз Газа, како и во некои делови од Либан и Сирија, пред да започне копнена операција во палестинската енклава.