Израелските сили ги довршија демонтирањето на „воената рамка“ на Хамас во северна Газа а вкупно убиле околу 8.000 милитанти во таа област, тврдеше во саботата портпаролот на израелската армија, додека истиот ден во израелски воздушен напад, според палестинските власти загинале уште седум палестински цивили.
Израелската војска, притоа запленила „десетици илјади парчиња оружје“ во северна Газа и „милиони документи“, рече израелскиот воен портпарол, контраадмиралот Даниел Хагари на дневниот брифинг за новинарите.
„Сега сме сосредоточени на демонтирањето на Хамас во централниот и во јужниот дел (од палестинската енклава Појасот Газа)“, додаде Хагари.
Палестински здравствени функционери објавија дека во саботата вечерта уште седум Палестинци, меѓу кои деца и жени, се убиени а десетици се ранети во израелски воздушен напад врз куќа во градот Кан Јунуис во јужниот дел на Појасот Газа, додавајќи дека станува збор за домот на семејството Ал-Набрис.