Израел тврди дека целите на офанзивата во Рафах наскоро ќе бидат постигнати

Израелската армија тврди дека наскоро ќе ги постигне целите на офанзивата во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа. Половина од борбените единици на милитантната палестинска организација, која владееше со енклавата пред почетокот на војната во октомври, се уништени, соопшти во понеделникот израелската армија.

Помеѓу 60 и 70 отсто од областа на градот во јужниот дел на Појасот Газа е под „оперативна контрола“ на израелската армија, се додава во објавата на армијата. Ќе бидат потребни само неколку недели пред да заврши воената операција во градот, соопштија израелските сили.

Израелската армија на почетокот на мај започна операција во Рафах, на границата со Египет, тврдејќи дека целта им е да ги уништат последните борбени единици на Хамас.

Офанзивата беше меѓународно критикувана бидејќи во тоа време повеќе од еден милион ипол Палестинци, односно повече од половината од вкупнтоо 2,4-милионско население на Појасот Газа, протерани од другите делови на енклавата, се засолнија во Рафах. Речиси сите овие луѓе сега избегаа од градот во областа на запад, каде што е тешко да се дојде до храна, а Израел е обвинет дека вистинската цел на офанзивата е протерување на Палестинците во соседен Египет кој, пак, поради тоа ја затвори границата.

Според непотврдени воени извештаи во понеделникот, израелската армија убила околу 550 борци на Хамас за 40 дена борби во Рафах, додека изгубила 22 свои војници. За време на операцијата, наводно откриена е широко распространет систем од тунели, како и големо количество оружје и експлозиви. Најмалку 25 подземни тунели наводно ја минуваат границата со Египет, кој пред неколку години ги урна изелзите од нива на своја територија.

Преземајќи ја контролата врз таканаречениот Филаделфиски коридор, тесен појас земја во Газа долж границата со Египет, Израел во голема мера ја зголеми контролата врз она што влегува и излегува од Газа. Иако Египет негира, Израел тврди дека во Газа била јавна тајна дека преку тунелите се шверцуваа секојдневни прехранбени производи, како и луксузни стоки, за што Хамас наплатувал царина.