Израел тврди дека елиминирал 900 „терористички оперативци“ во Џабалија

Израелската војска тврди дека убила околу 900 „терористички оперативци“ од исламистичкото движење Хамас и други екстремистички групи во текот на нејзината копнена офанзива во Џабалија, најголемиот од осумте бегалски кампови во северниот дел на Појасот Газа, која започна на почетокот на октомври.

Дополнително, заробени се 700 Палестинци, од кои 300 може да се идентификуваат како членови на терористичките групации, соопшти израелската армија, а пренесува агенцијата dpa.

Во борбите загинале и двајца израелски војници, поради што се испратени засилувања од други локации во Појасот Газа, според војската.

Оваа информација не може да се потврди независно, завележува Reuters.

Според очевидци, состојбата во Џабалија е катастрофална. Десетици илјади цивили веќе побегнале, додека речиси е невозможно да се дојде до храна и вода.

Палестински извори јавуваат дека во израелските напади се убиени голем број цивили.