
Израелската армија тврди дека во неделата отворила нови коридори за бегство на цивилите кон југот од палестинската територија, а меѓу нив е наводно и излезна рута од „Ал Шифа“, најголемиот болнички комплекс во Појасот Газа.
Коридорите ќе бидат отворени од 9 до 16 часот по локално време.
Израел е под зголемен притисок дури и од неговите цврсти сојузници како САД поради цивилните жртви во Газа. Иако израелските челници ги отфрлаат повиците за прекин на огнот, Израел веќе неколку дена трди дека им дава шанса на цивилите заробени во опколениот град Газа и другите делови на северот да излезат.
Израелската војска најави дека во недела ќе биде отворен безбеден коридор директно од погодената болница „Ал Шифа“, најголемиот медицински комплекс во малата пренаселена палестинска енклава, до релативно помирниот јужен дел на Газа.
Израелската војска го обвинува Хамас, кој управува со Појасот Газа, дека ја користи болницата како команден и контролен центар. За време на викендот околу болницата беа забележани израелски тенкови. Светската здравствена организација во неделата објави дека изгубила контакт со персоналот во Ал Шифа, при што некои лекари побегнале, а стотици пациенти се заробени во комплексот без струја.
Израел ги уверува Палестинците дека ќе бидат безбедни во јужниот дел на Газа, но сведоците и новинарите виделе неколку израелски воздушни напади и во таа област. Израелската армија тврди дека станува збор за исклучиво насочени напади врз членови на терористичката организација Хамас.
Израелските одбранбени сили (IDF) никогаш не рекоа дека нема да вршат напади во јужниот дел на Газа и дека се фокусирале само на северот, изјави во неделата портпаролот на војската, потполковник Јонатан Конрикус.
„Во ниту една фаза не рековме дека нема да го нападнеме јужниот дел на Газа. Може да се случи да гаѓаме воени цели од важност во Газа… Рековме само дека ја фокусираме нашата главна борбена активност, нашите главни операции на север. Мислам дека е многу јасно, истакна Конрикус на брифинг, пренесува Times of Israel.