Израел убил четворица во јужен Либан, судири и жртви на Западниот брег

Четири лица загинаа во вторникот во израелски воздушен напад врз гратчето Мајфадун во јужен Либан, соопштија здравствените и безбедносните служби, а истиот ден загинаа и Палестинци на окупираниот Западен брег.

Извор на Reuters известува дека сите четворица убиени се мажи. Најголемиот дел од размената на оган меѓу либанската вооружена група Хезболах и израелската армија досега беше ограничена на граничната област, но Мајфадун се наоѓа на 30 километри северно од границата.

Израелските сили, исто така, убија четири лица во окупираниот град Џенин на Западниот брег, соопштија во вторникот службите за итни случаи, по ноќното насилство во кое уште четворица беа убиени во градот Тубас во близина на границата со Јордан.

Израелската армија објави дека извршила два воздушни напада на Западниот брег, но не соопшти повеќе поединости.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека во напад на две возила во Џенин загинале четири лица, а уште едно лице е тешко повредено. Нападот се случил во тек на операција во Џенин за која снимките на социјалните мрежи покажаа дека вклучува конвој оклопни возила и булдожери кои ги прокопуваат коловозите.

Додека Израел чека одмазднички напад од Иран по атентатот на политичкиот лидер на палестинкото движење Хамас, Исмаил Ханија во Техеран минатата седмица, насилството на Западниот брег е уште еден показател за заканите со кои се соочува Израел на неколку фронтови.

Израелските сили убија стотици Палестинци на Западниот брег и во Источен Ерусалим од почетокот на офанзивата на Појасот Газа. Многумина од нив биле вооружени борци, но меѓу жртвите има и млади кои фрлале камења, како и цивили кои не биле дел од конфликтот. Во истиот период, палестинските напаѓачи убија 13 Израелци. Во вторникот, Палестинец со шрафцигер повреди граничен полицаец додека вршел преглед на автобус во близина на Ерусалим. Напаѓачот е убиен.