Израел: Убивме уште неколку команданти на Хезболах

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нивните авиони утринава извршиле напад врз седиштето на разузнавачката служба на Хезболах во Либан.

„Утринава израелските воздухопловни сили извршија напад базиран на разузнавачки информации врз команден центар за разузнавање на Хезболах и подземна работилница за оружје во Бејрут“, се вели во соопштението на ИДФ.

Се уште не е потврдено дали седиштето е оштетено или уништено.

ИДФ соопшти дека „презела бројни мерки“ за „намалување на ризикот од штета на цивилите“, вклучително и претходни предупредувања до населението во областа.

„Покрај тоа, израелските воздухопловни сили го погодија и елиминираа терористот Ал Хаџ Абас Салама во областа Тебнина, висок командант на јужниот фронт на Хезболах“, додаваат тие.

ИДФ тврди дека Салама ги надгледувал борбите во областа Бинт Џбеил и извршил многу напади против Израел.

„Исто така, елиминирани се терористите Рада Абас Авада, висок специјалист за комуникации на Хезболах и Ахмад Али Хусеин, кој ја предводеше единицата за производство на оружје задолжена за зајакнување на стратешкото оружје на Хезболах“, се вели во извештајот.