Израел уништи две третини од единиците на Хамас, тврди Нетанјаху и навести уште месеци борби

Израел уништи околу две третини од борбените единици на Хамас во Газа, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот, ветувајќи дека ќе ја продолжи војната до „целосна победа“.

„Постојат две фази на борбите: првата е уништување на единиците на Хамас, кои се нивни организирана борбена рамка. Досега, 16 или 17 од 24 се уништени. Потоа, следи (фазата) на чистење на територијата (од милитантите). Првата акција е обично пократка, втората обично трае подолго“, рече Нетанјаху на прес-конференција во Тел Авив.

Држејќи фотографија од загинат израелски војник, Нетанјаху рече дека војниците не загинале попусто и вети дека борбите ќе продолжат сѐ додека Хамас не биде поразен и заложниците не се вратат од Газа.

„Ќе бидат потребни многу месеци за да победиме, но ние сме решени да го постигнеме тоа“, рече Нетанјаху.

Соопшти и дека ги информирал САД дека се противи на формирање палестинска држава во секое повоено сценарио.

САД претходно го повикаа Израел да ги намали размерите на својата офанзива и посочија дека формирањето на палестинска држава треба да биде дел од планот за „денот потоа“.

Нетанјаху, исто така, ја отфрли идејата за палестинска државност и рече дека им ги пренел своите ставови на Американците.

„Во секој иден договор, на Израел му е потребна безбедносна контрола на целата територија западно од Јордан“, порача Нетанјаху на прес-конференцијата.

Според него, тоа е во спротивност со идејата за суверенитет.

„Што можете да направите? Премиер треба да е способен да им каже „не“ на нашите пријатели“ истакна Нетанјаху.