Израел во дипломатска акција бара санкции против Иран

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, во вторникот изјави дека ги повикува земјите да воведат санкции за иранската ракетна програма и да ја назначат нејзината Револуционерна гарда како терористичка организација по првиот директен напад на Иран врз Израел.

„Покрај воениот одговор на лансирањето проектили и беспилотни летала, јас водам дипломатски напад врз Иран“, рече Кац во објава на социјалните мрежи.

Кац додаде дека испратил писма до 32 земји и разговарал со многу колеги, барајќи од нив „да воведат санкции за ракетната програма на Иран и да ја назначат Револуционерната гарда како терористичка организација како начин да се запре и ослабне Иран“.

„Мораме да го запреме Иран сега, пред да биде предоцна“, вели Кац.

Израел соопшти дека ќе одговори на иранскиот ракетен и напад со беспилотни летала во текот на викендот, и покрај повиците од сојузниците за воздржаност за да се избегне ескалација на блискоисточниот конфликт.

Групата Г7 од седумте индустриски најразвиени земји веќе работи на пакет координирани мерки против Иран, објави британскиот премиер Риши Сунак.

Американските сојузници, инаку, ги почитуваат строгите санкции коишто Вашингтон ги наметна против Техеран, откако во 2018 година тогашниот американски претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор кој Иран во 2015 година го потпиша со шесте светски сили и ги врати укинатите децениски санкции.