Израел: Војната во Газа ќе трае најмалку цела 2024 година

Израел во средата испрати тенкови во Рафах и објави дека верува оти војната во палестинската енклава Појасот Газа ќе трае цела година. Израелски тенкови во вторникот првпат влегоа во центарот на Рафах, и покрај одлуката на Меѓународниот суд на правдата да ги прекине операциите во овој град каде засолниште најдоа речиси 1,5 милиони Палестинци кои побегнаа пред израелската разорна офанзива во северниот и централниот дел на тесната крајбрежна енклава.

Жителите на Рафах за светските новински агенции известија дека израелските тенкови упаднале во Тел Ал-Султан, во западниот дел на градот и во Џибна и Шабур во близина на центарот на Рафах, пред да се повлечат кон границата со Египет, во тампон зоната.

Израел објави дека неговата армија контролира три четвртини од тампон зоната и планира да воспостави контрола врз целата област за да го спречи палестинското исламистичко движење Хамас да криумчари оружје преку неа.

Палестинскиот министер за здравство Мајед Абу Рамадан изјави дека нема индиции оти граничниот премин Рафах наскоро повторно ќе биде отворен за хуманитарна помош.

Цачи Ханегби, советникот за национална безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во средата рече дека војната во Газа ќе продолжи барем до 2024 година, сигнализирајќи дека Израел не е подготвен за крај или паузриање на конфликтот, што Хамас го бара како дел од договорот за ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници.

„Борбите во Рафах не се бесмислена војна“, рече Ханегби, повторувајќи ги тврдењата дека крајната цел е да се елиминира владеењето на Хамас во енклавата и да се запрат нападите врз Израел.

САД, најблискиот сојузник на Израел, во вторникот повторија дека се против копнената операција во Рафах, но дека не веруваат дека таква операција е во тек.

Речиси милион Палестинци кои претходно се засолниле во Рафах, сега го напуштиле градот откако Израел издаде предупредување за евакуација во одредени зони кои потоа во вторникот ги гаѓаа израелските тенкови, соопшти во вторникот агенцијата за бегалци на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA). Гладот ​​се шири низ енклавата, бидејќи испораката на хуманитарна помош е забавена. Организациите го обвинуваат Израел дека ја блокира дистрибуцијата, а Израел ги обвинува нив.