Израел ги врати телата на 80 Палестинци убиени во конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, соопшти во средата палестинското Министерство за здравство. Израел ги враќа телата откако беше потврдено дека тие не се израелски заложници киднапирани од Хамас на 7-ми октомври.
Министерството соопшти дека телата веќе биле погребани а властите претходно забележале детали за да помогнат во подоцнежната идентификација. Властите во Појасот Газа сега се обидуваат да откријат кога и каде се убиени лицата, како и да го утврдат нивниот идентитет.
Портпаролот на израелската војска рече дека за време на војната, телата биле транспортирани во Израел „за процедури за идентификација, како дел од нашите напори за лоцирање на заложници и исчезнати лица“.
„Тешкотиите во идентификацијата на убиените го прават неопходно префрлувањето на овие тела во Израел за форензичка идентификација“, што е во согласност со „рутинската анализа која е во согласност со меѓународно прифатените форензички стандарди“ за да се исклучи можноста дека станува збор за израелски заложници, рече портпаролот. .
Министерството за здравство во Гази соопшти дека Израел ги предал телата на граничниот премин Керем Шалом. Тие биле погребани во вторникот во долг ров на гробиштата Рафах на југот од Појасот Газа.
„Се прават фотографии за подоцна да ги идентификуваме“, изјави претставник на Министерството за верски прашања во Појасот Газа.