Израел започна напади врз Иран

Израелската армија соопшти ноќта кон саботата дека изведува напади врз воени цели во Иран како дел од одговорот на иранските одмазнички напади врз Израел на почетокот од месецот.

„Како одговор на повеќемесечните континуирани напади на иранскиот режим врз државата Израел, изрелската восјка сега изведува прецизни напади врз воени цели во Иран“, се вели во соопштението на Telegram каналот израелската армија.

Информациите за нападите врз цели во Иран ги потврди и израелската официјална државна телевизија и радио Kan, без да даде детали.

Силни експлозии се слушнаа во Иран и во близина на сириската престолнина Дамаск рано во саботата по локално време, соопштија државните медиуми во двете земји, што е можен почеток на очекуваниот одговор од страна на Израел на баражот со балистички ракети извршен од Иран на 1 октомври, пренесува Reuters

Иранската државна телевизија објави дека силни експлозии се слушнале околу главниот град Техеран, но нема официјален коментар за нивниот извор. Полуофицијални ирански медиуми објавија дека експлозии се слушнале и во блискиот град Караџ.

Новинската агенција Tasnim соопшти дека „досега не се забележани звуци на ракети или авиони на небото над Техеран“.

Државната телевизија цитираше неименувани ирански разузнавачи кои велат дека изворот на силните експлозии може да биде „активирањето на иранскиот систем за противвоздушна одбрана“.

Иранските власти постојано го предупредија Израел дека во случај на каков било напад врз Иран, ќе се соочи со посилна одмазда.

Сириската државна телевизија соопшти дека експлозии се слушнале и во селата близу Дамаск и во централниот регион.

Израел тврди дека има право и должност да одговори на нападите на Техеран и неговите посредници, кои вклучуваат лансирање ракети од иранска територија. „Нашите одбранбени и офанзивни способности се целосно мобилизирани“, додаде армијата.

Обемот на нападот не беше веднаш познат.

Израел ги известил САД пред нападот, но тие не биле вклучен во операцијата, изјави американски официјален претставник за Reuters.

„Свесни сме дека Израел изведува насочени напади врз воени цели во Иран во самоодбрана и како одговор на иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Шон Савет.

Блискиот исток е на работ од интензивна ескалација на конфликтот во очекување на израелската одмазда за одмасничкиот напад од страна на Иран, во кој беа истрелани околу 200 балистички ракети кон Израел, што е втор директен напад на Иран врз Израел во последните шест месеци.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант оваа седмица рече дека непријателите „ќе платат висока цена“ за обидот да му наштетат на Израел.

Изминатите неколку седмици Израел ја интензивираше својата офанзива против палестинската милитантна групација Хамас во Газа и либанското шиитско движење Хезболах во Либан, поддржан од Иран. Војната беше предизвикана пред една година со нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година врз јужен Израел
.
Вашингтон се обидува да го спречи натамошното проширување на конфликтот. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во средата рече дека одмаздата на Израел не треба да доведе до поголема ескалација.