Израелците се согласија да ја разгледаат загриженоста на САД за офанзивата во Рафах

Израелските власти се согласија во понеделникот да ја земат предвид загриженоста на САД за планираната офанзива во Рафах, се вели во заедничката изјава објавена по виртуелниот состанок со американски официјални претставници за алтернативни начини за искоренување на милитантите на Хамас во јужниот дел на Газа.

Два иполчасовната средба предводена од највисоките функционери на САД и Израел заврши со план за последователни лични разговори веќе следната седмица, се вели во соопштението за печатот, според Reuters.

Американскиот претседател Џо Бајден го повика Израел да не започнува офанзива од големи размери во Рафах за да избегне дополнителни палестински цивилни жртви во Појасот Газа, каде што палестинските здравствени власти соопштија дека повеќе од 32.000 луѓе биле убиени во израелскиот напад, од кои третина се деца.

Американските власти, загрижени за продлабочувањето на хуманитарната криза во Газа, го повикаа Израел да преземе понасочен пристап во нападите врз милитантите на Хамас без да започне голема копнена офанзива.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека нема да се откаже од офанзивата Рафах во обид да ги елиминира милитантите на Хамас одговорни за нападот на 7 октомври врз јужен Израел, во кој Израел рече дека загинаа 1.200 луѓе.

Во заедничката изјава се вели дека двете страни имале конструктивен ангажман околу Рафах и се согласиле дека и двете земји ја споделуваат целта Хамас да биде поразен таму.

„Американската страна ја изрази својата загриженост во врска со различните правци на дејствување во Рафах. Израелската страна се согласи да ги земе предвид овие грижи и да продолжи со разговорите меѓу експертите“, се вели во соопштението.

Американски официјален претставник рекол дека американската страна, предводена од советникот за национална безбедност Џејк Саливан, неговиот главен заменик Џон Фајнер и пратеникот за Блискиот исток, Брет Мекгурк, презентирале алтернативни предлози за кои рекле дека ќе ги заштитат цивилите во Рафах.

Израел ќе одлучи што да прави, рекол за агенцијата неименуваниот американски фунцкионер.

Израелски официјален претставник во Вашингтон рекол дека меѓу израелските учесници биле министерот за стратешки прашања Рон Дермер и советникот за национална безбедност Цачи Ханегби. Тие се доверливи лица на премиерот Бенјамин Нетанјаху кои требаше да присуствуваат на состанокот во Вашингтон минатата седмица којшто израелскиот премиер го откажа.

Нетанјаху ја откажа планираната посета на Вашингтон минатата седмица, откако САД не вложија по шести пат вето и дозволија резолуцијата за прекин на огнот во Газа да биде усвоена во Советот за безбедност на Обединетите нации на 25 март, што претставува ново заладување на и онака нарушените негови односи со Бајден во шестмесечната војна во Појасот Газа.

Два дена подоцна, Израел побара од Белата куќа да го одложи состанокот на високо ниво за воените планови за Рафах, изјавија официјални лица, во очигледен обид да се намалат тензиите меѓу двата сојузници.

САД се обидуваат да преговараат за ослободување на болните, постарите и ранетите заложници, земени од Хамас од Израел, во замена за шестнеделно примирје. Бајден е под притисок во изборна година дома и во странство да преговара за итен прекин на огнот.

Администрацијата на Бајден размислува дали да продолжи со голем пакет за трансфер на оружје во вредност од 18 милијарди долари за Израел, кој ќе вклучува десетици авиони „F-35“ и муниција, изјавиле за Reuters во понеделникот три извора запознаени со ова прашање.