Израелските демонстранти излегоа на улиците втор ден во понеделникот, а најголемиот синдикат започна генерален штрајк за да ја притисне владата да постигне договор за ослободување на заложниците што сè уште ги држи Хамас, откако шест нови затвореници беа пронајдени мртви во Газа.
Штрајкот ги наруши транспортните и медицинските услуги во неколку израелски области, а многу продавници и бизниси беа затворени откако шефот на синдикатот Хистадрут, кој претставува стотици илјади работници, прогласи општ прекин на работата.
Откривањето на телата на шесте заложници, наводно убиени меѓу 48 и 72 часа пред израелските сили да стигнат до нив, според Министерството за здравство, предизвика бран на тага и гнев во Израел, што поттикна најмалку половина милион луѓе да излезат на улиците на Ерусалим и Тел Авив во неделата.
Демонстрантите бараат премиерот Бенјамин Нетанјаху да постигне договор за прекин на огнот со палестинската милитантна група Хамас за да можат преостанатите заложници да се вратат во своите домови. Илјадници демонстранти повторно се собраа во понеделникот во Тел Авив, веејќи сино-бели израелски знамиња или држејќи фотографии од преостанатите 101 заложник.
Професорот Јехуда Улман, шеф на хируршкиот оддел во болницата „Рамбам“ во Хаифа, рече дека штрајкот не е во согласност со основната задача на лекарите – спасување на пациентите.
„Сепак, во моментов сме во многу, многу тешка ситуација, ние и целата земја, поради заложниците. А вчера беше можеби најтешкиот ден. Не можеме да стоиме настрана и затоа штрајкувавме“, рече Улман.
По интервенција на министерот за финансии Безалел Смотрич, израелскиот суд за труд одлучи генералниот штрајк да заврши во 14 часот и 30 минути, со образложение дека прекинот на работата нема економска основа и е главно политички по природа.
„Ние живееме во правна држава и ја почитуваме одлуката на судот и наредувам сите да се вратат на работа во 14:30 часот“, рече шефот на сојузот на израелските синдикати Хистадрут, Арнон Бар-Давид, еден ден откако го опиша штрајкот како „апел за враќањето на заложниците“.
Некои услуги на аеродромот „Бен Гурион“, главниот водухопловен центар на земјата, беа прекинати во утринските часови, но дојдовните летови продолжија да слетуваат, додека автобуските и железничките линии беа или откажани или делумно функционираа во многу области.
Вработените во главното израелско комерцијално пристаниште Хаифа и некои општини, исто така, штрајкуваа. Болниците беа делумно отворени, банките воопшто не беа отворени, но многу бизниси од приватниот сектор беа отворени.
Штрајкот беше поддржан од неколку групи на работодавачи, вклучително и производителите и високотехнолошкиот сектор, а многу работодавци им дозволија на своите вработени да се приклучат на штрајкот, што предизвика многу услуги да бидат прекинати.
Престанокот на работата и уличните демонстрации дојдоа по неколкумесечни протести на семејствата кои ги застапуваа некои од заложниците, што ги нагласи длабоките поделби што се појавија во Израел поради пристапот на Нетанјаху за обезбедување договор за прекин на огнот.