Израелскиот државјанин Моше Харел, обвинет дека е вмешан во аферата со трговијата со човечки органи на Косово пред десет години, уапсен е на Кипар а властите во Приштина побарале негово предавање поради судење, пренесува во петокот Reuters повикувајќи се на косовската полиција, и истовремено потсетувајќи на обвинувањата на специјалниот известител на Советот на Европа, Дик Марти, дека припадниците на герилската Ослободителна војска на Косово (ОВК – UCK), земала органи од Срби во текот на војната во 1998/1999 година во поранешната јужна српска покраина.
Според информациите, израелскиот државјанин Моше Харел е обвинет дека трагал по луѓе на коишто им е неопходна трансплантација на бубрези и ги привлекувал на Косвоо донорите на органите од Турција и од државите на поранешниот Советски сојуз ветувајќи им исплата до 12.000 евра. Според сознанијата на Reuters, примателите на тие органи, претежно Израелци, плаќале меѓу 80.000 и 100.00 евра, а некои од донорите никогаш не добиле никакви пари.
„Осомничениот М.Х. е уапсен пред неколку дена на Кипар врз основа на меѓународна потерница за апсење. Тој беше на потерница од 2010 година“, рекол за агенцијата, портпаролот на косовската полиција, Баки Келани.
Русија, исто така, издаде меѓународен налог за пасење на Харел. Кипарските власти не биле достапни за Reuters за коментар за овој случај. Харел, инаку, беше уапсен во 2012 година во Израел во врска со паралелно водена истрага, но не беше екстрадиран на Косово бидејќи Израел нема воспоставено дипломатски односи со Приштина.
Скандалот со трговијата со органи на црниот пазар беше откриен во 2008 година, кога турски државјанин беше задржан на приштинскиот аеродром, откако имал видливо болки предизвикани од отстранување на бубрег. Како што тогаш пишуваа медиумите, синџирот на трговците со органи делувал со помош на клиниката „Медикус“ на периферијата на Приштина, чијшто директор урологот Љутфи Дервиши во 2013 година беше осуден на осум години затвор поради организиран криминал и трговија со човечки органи, додека неговиот син Арбен Дервиши на седум години затвор, но и двајцата се оттогаш во бегство и не го отслужија казните.
Косовскиот суд во 2016 година наложи повторно судење на докторите и функционерите осудени за вмешаност во овој случај, процесот и натаму трае а обвинетите ја отфрлаат вината. Косовската полиција објави дека минатата година Љутфи Дервиши е повторно уапсени и се наоѓа меѓу лицата на кои повторно им се суди. Неговиот син Арбен и уште едно лице осомничено во овој случај, турскиот доктор Јусуф Сомнез, и натаму се во бегство.
Агенцијата Reuters наведува дека во одвоен случај вниманието на обвинението поврзано со трговијата со органи се зголеми откако специјалниот известител на Советот на Европа, Швајцарецот Дик Марти, кој во 2010 година обвини дека борците на ОВК ги земале органите на заробениците, во прво ред на Србите во текот на војната во 1998 и 1999 година. Специјалниот суд кој е формиран според косовските закони но со меѓународни обвинители и судии, треба, исто така, да се занимава со обвинувањата на Марти, но засега нема официјално обвинение за ниедно лице.