Компанијата „Бен Дор“ од Израел, која развива нови сорти на овошје е заинтересирана за инвестирање во Македонија.
Имено, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски и Министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф денеска остварија средба со претставници на компанијата.
Македонија има добра местоположба, а климатските услови се повеќе од поволни, оцениле претставниците на компанијата.
Во првата фаза компанијата би започнала со поставување логистички центри и би се испитале можностите и пазарот со
цел да се утврди најдобриот модел и потенцијалните пазари, по што би продолжиле и со сопствено производство на единствени сорти на овошје (сливи, круши, кајсии, јаболка и праски). Се очекува во оваа фаза компанијата да понуди 10.000 тони годишно од овие производи на пазарот.
На состанокот министерот Димовски истакнал дека Министерството за земјоделство веќе има воспоставено добра соработка со израелското Министерство за земјоделство и оти ќе помогне компанијата да ги пронајде партнерите во Македонија.
Компанијата „Бен Дор“, информира Министерството за земјоделство, во текот на неделата ќе ги посети Демир Капија, Гевгелија, Валандово и Росоман, чиешто поднебје и клима се поволни за одгледување овошје.
Компанијата има меѓународни стандарди за квалитет, вклучувајќи Globalgap, BRC и ISO 9001 и поседува пакувачки капацитети, ладилници и транзит станици.