Постара израелска заложничка којашто Хамас ја ослободи во текот на ноќта изјави дека милитантите ја претепале додека ја носеле во Газа на 7-ми октомври, но и дека добро се однесувале со неа за време на нејзиното двонеделно заточеништво.
Осумдесет и петгодишната Јочевед Лифшиц е една од двете заложнички кои беа ослободени доцна ноќта во понеделникот. Хамас држи уште 220 заложници, според објави на радикалната исламистичка групација.
„Поминав низ пеколот, никогаш не мислевме или знаевме дека ќе се најдеме во таква ситуација“, им рече таа на новинарите, седејќи во инвалидска количка пред болницата во Тел Авив каде што беше однесена по нејзиното ослободување.
Изгледајќи изнемоштена, Лифшиц рече дека киднаперите ја качиле на мотор и ја однеле од кибуцот до блиската Газа.
„Додека бев на мотоциклот главата ми беше на едната, телото на другата страна. Младите луѓе ме тепаа по патот. Не ми ги скршија ребрата, но беше болно и тешко дишев“, опишуваше старицата.
Кога стигнале во Газа, ја однеле во тунелите кои ги спореди со пајакова мрежа и добро се однесувале со неа. Лифшиц рече дека ја посетил лекар и се уверил дека таа, заедно со другите заложници, ги примила истите лекови што ги земала во Израел.
Рече и дека израелската војска не ја сфатила доволно сериозно заканата на Хамас и дека скапата безбедносна ограда наменета да спречи упад на милитантите „воопшто не помогнала“.