Израелската армија ќе ги прошири борбите до Рафах на југот на Газа

Израелската армија, според извештаите на израелските медиуми, сака да ја прошири борбата против палестинската милитантна група Хамас до најјужниот дел на Појасот Газа.

Армијата сака да ја прошири борбата кон бригадата на Хамас во Рафах, како што тоа во моментов го прави со единиците на Хамас во областа на јужниот град Кан Јунис, весникот Times of Israel го цитираше израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во четвртокот ноќта.

Повеќе од 1,3 милиони луѓе живеат во Рафах и околината, што е повеќе од половина од населението на Појасот Газа од околу 2,4 милиони. Тие ги напуштија своите домови и побараа засолниште од борбите во тој град. Пред војната, Рафах имал околу 250.000 жители.

Речиси четири месеци по без преседан во историјата координираните и брутални напади на палестинската милитантна група Хамас врз јужен Израел на 70ми октомври, во кои загинаа околу 1.200 луѓе, израелските копнени сили влегоа длабоко во Појасот Газа за да се обидат да го уништат Хамас.

Сепак, јужниот крај на палестинската крајбрежна област, која се граничи со Египет со поделениот град Рафах и со истоимениот граничен премин, засега не е цел на копнените сили.

„Бригадата на Хамас во Кан Јунис се распаѓа“, тврдеше Галант во текот на посетата на војниците во градот, објави весникот. Кан Јунис се смета за упориште на Хамас. Галант рече и дека операцијата ќе биде завршена таму и дека ќе се пресели во Рафах за „да се елиминира секој терорист што се обидува да ни наштети“. Во Кан Јунис, Израел започна голема копнена офанзива минатата седмица.

Американскиот весник The Wall Sreet Journal пред три седмици објави, повикувајќи се на неименувани израелски и египетски извори, дека израелските власти го информирале Египет за планирана воена операција долж границата со Газа. Граничниот премин Рафах е под контрола на египетски и палестински функционери, ангажирани од Хамас.

Израелското раководство се сомнева дека тунелите кои минуваат под границата меѓу Египет и Газа сѐ уште се користат за криумчарење стоки и оружје за Хамас во Појасот Газа.

Во исто време додека продолжува израелската воена операција во Газа, катарските и египетските посредници се надеваат на позитивен одговор од Хамас, кој управува со Појасот Газа, на првиот конкретен предлог за продолжен прекин на непријателствата, договорен со Израел и САД на разговорите во Париз изминатиот викенд.

Палестински функционер близок до разговорите изјави за Reuters дека предлогот предвидува прва фаза од 40 дена, во текот на која борбите ќе престанат и Хамас ќе ги ослободи преостанатите цивили меѓу повеќе од 100 заложници што сè уште ги држи. Во натамошните фази, Хамас ќе ги предаде израелските војници и телата на мачениците заложници. Таква долга пауза во борбите би била прва по 7-ми октомври, кога борците на Хамас го нападнаа Израел.

Палестински функционер рече дека Хамас веројатно нема целосно да го отфрли предлогот, но ќе побара гаранции дека борбите нема да продолжат, на што Израел не се согласи.

Здравствените власти во енклавата во четвртокот изјавија дека досега е потврдено загинувањето на повеќе од 27.000 Палестинци, а илјадници мртви сè уште лежат под урнатините. Жителите на Газа известуваат дека израелските сили гаѓале области околу болниците во Кан Јунис и ги интензивирале нападите во близина на Рафах.

Борбите се интензивираа последните денови и во северните области околу градот Газа, за кој Израел тврди дека го освоил пред неколку седмици.

Се чини дека САД не се успешни во своите повици до Израел да ја олесни состојбата на цивилите во Газа. Сепак, Вашингтон го засилува индиректниот притисок. Американскиот претседател Џо Бајден издаде извршна наредба со цел да ги казни еврејските доселеници кои ги напаѓаат Палестинците на окупираниот Западен брег во бранот насилства предизвикани од војната во Газа.