Израелската армија доцна во вторникот официјално во објава тврдеше дека го убила Хашем Сафиедин, висок функционер на Хезболах кој се очекуваше да го наследи Хасан Насрала на местото челник на ова либанско шиитско движење, пренесоа светските агенции.
Сафиедин навоно бил убиен во израелски напад во близина на Бејрут претходно овој месец. Насрала беше убиен во израелски напад на 27-ми септември.
Војската на Израел соопшти дека Сафиедин наводно бил убиен во напад пред три седмици во јужните предградија на Бејрут, што е прва официјално тврдење за неговата смрт. Претходно овој месец, Израел рече дека најверојатно е елиминиран.
Хезболах не се огласи досега во врска со објавата на Израел дека го убил Сафиедин. Ниту неименувани извори од движењето, како што беше вообичаено, ниту либански извори не се огласија по израелските наводи.
Израелската војска во објава на Telegram тврди дека „сега може да потврди“ дека Сафиедин, кој го предводеше извршниот совет на Хезболах, е убиен заедно со Али Хусеин Хазим, командант на штабот на разузнавањето на Хезболах и други команданти на Хезболах.
„Терористите беа елиминирани во напад што беше извршен пред околу три седмици во областа Дахие, клучното упориште на терористите на Хезболах во Бејрут“, напиша израелската армија.
Сафиедин беше член на советот – Шурата (највисоки советодавно тело во повеќе муслимански земји а во некои со овиј поим се означува и тамошниот парламент), највисокото тело на Хезболах, соопшти израелската војска. Тој беше братучед на Насрала и го заменувал кога поранешниот лидер на Хезболах беше отсутен. Бил одговорен и за спроведување на „терористички активности против државата Израел“, соопшти израелската војска.