Израелската влада ѝ даде зелено светло на Националната гарда на министерот Бен-Гвир

Израелската влада даде зелено светло за формирање Национална гарда под водство на министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, објавија во неделата израелските медиуми.

Владата одобри кратење на буџетите на сите министерства за финансирање на контроверзниот проект, објавија неколку израелски медиуми. Неколку министерства на почетокот се спротивставија на проектот, но подоцна се согласија поради притисокот од премиерот Бенјамин Нетанјаху, додаваат медиумите. Буџетот за проектот е милијарда шекели, односно околу 255 милиони евра.

Опозицискиот лидер Јаир Лапид во објава на Twitter го осуди потегот на владата, нарекувајќи го „смешен и одвратен“ и додаде дека членовите на владата избрале „приватна армија на разбојници“ за сметка на здравството, образованието и безбедноста.

Поранешниот началник на воениот штаб Гади Ајзенкот претходно изјави дека станува збор за „сериозен инцидент којшто ги дестабилизира основните принципи на употреба на сила во земјата и ја загрозува“.

Според плановите на Бен-Гвир, единицата ќе работи паралелно со полицијата и армијата и ќе се справува со „граѓанските немири“ ширум земјата.

Бен-Гвир е тврдолинијашки еврејски доселеник на окупираната палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан), кој претходно бил осуден за поддршка на тероризам и поттикнување непријателство кон Арапите, кои сочинуваат 21 отсто од населението на Израел.

Критичарите предупредуваат дека тој би можел да ги насочи силите од околу 2.000 војници против антивладините демонстранти или против палестинското и арапското население.

Нетанјаху се согласи со барањето на Бен-Гвир да се создаде Национална гарда за да се избегне оставката на министерот. Бен Гвир се закани дека ќе поднесе оставка доколку Нетанјаху ги откаже контроверзните реформи во судството во Израел, поради повеќемесечните протести.

Арапските политичари Националната гарда ја нарекоа „лична паравојска“ на Бен-Гвир. Други членови на опозицијата го обвинија Бен-Гвир дека се обидува да ги потисне протестите против владиниот план за реформи во правосудството со помош на нови сили.