Израелската војска денеска соопшти дека ги завршила воените операции во областите Кан Јунис и Деир ал-Балах на југот на Појасот Газа, пренесува Анадолија.
Војската наведува дека „трупите од 98-та дивизија ја завршија својата мисија во јужниот Појас Газа и се подготвуваат за нови задачи“.
Се додава дека војската ги завршила операциите во тие области „по отприлика еден месец истовремени надземни и подземни оперативни активности“.
– Трупите елиминираа повеќе од 250 борци и ја уништија нивната инфраструктура, тврди војската.
Во соопштението се наведува дека „единицата Јахалом, заедно со 7-та бригада и Падобранската бригада, лоцирала и уништила шест патеки на подземни тунели во должина од околу шест километри“.
„Седмата бригада дејствуваше во областите Кан Јунис и Деир ал-Балах, каде што лоцираше оружје, неутрализираше десетици заседи и уништи борбени единици“, се додава во соопштението.
Војската, исто така, соопшти дека жителите можат да се вратат во своите домови во северниот дел на Блок 89 и во населбите Хамад, Ал-Џалаа и Ал-Карара.
Хамас сè уште не се огласил по соопштението на израелската војска.