ВИДЕО| Израелската војска за 11 дена ликвидирала 225 палестински радикали

Армијата за одбрана на Израел во текот на 11-дневните борби ликвидирала 225 борци на радикалните палестински групации Хамас и Исламски џихад во Појасот Газа, од кои 25 борбени команданти, пишува во петокот весникот The Times of Israel повикувајќи се на воени податоци.

Во извештајот се наведува дека израелската војска уништила повеќе од 100 километри од тунелите на радикалните групации, наречени „Метрото на Хамас“ во Газа, „стотици“ ракетни лансери, „десетици“ објекти кои ги користело радикалното крило на Хамас, како и најмалку 20 административни и финансиски институции. Со тоа, како што забележува весникот, бил „зададен сериозен удар“ врз воениот потенцијал на Хамас и Исламски џихад.

Се додава дека израелските вооружени сили истовремено спречиле и одбиле многу напади, вклучително и „седум напади со употреба на беспилотни летала и два напада од море“. Противракетниот систем „Челична купола“ престретнал околу 90 отсто од ракетите истрелани од палестинските радикали врз израелската територија.

Вооружените фракции кои се активни во Појасот Газа и израелската војска на 10-ти мај започнаа размена на ракетни удари и бомбардирања. Хамас објави дека ракетирањата на Израел се одмазда за безредијата на платото пред џамијата Ал Акса во времето на светиот муслимански празник Рамазан, како и за судскиот процес за деложирање на палестински семејства во квартот Шеик Џара, исто така, во источен Ерусалим, на чиишто домови право полагаат и еврејски семејства.

Изминатот перидот до стапувањето на сила на прекин на огнот, палестинските радикали истрелале повеќе од 4.000 ракети на територијата на еврејската држава, а израелските воздушни сили и артилеријата бомбардираа стотици цели во палестинската енклава.

Според последните податоци од здравствените служби во Газа, во енклавата загинале 232 Палестинци, од кои 67 малолетници и 39 жени, а ранети биле над 1.900 луѓе. Со тоа вкупно 260 лица ги загубиле животите на палестинските територии, сметајќи го и Западниот брег на реката Јордан, каде што исто така дојде до улични судири меѓу Палестинците и Евреите. Од израелска страна се потврдени 12 жртви, од кои две се деца, еден е војник и тројца странски работници.

Примирјето беше постигнато со активно посредување на Египет од почетокот на конфликтот. Во четвртокот вечерта тесниот воено-политички (безбедносен) кабинет на израелската влада на специјален состанок се согласи на едностран прекин на огнот. Истовремено по напорите на Каиро, и Хамас се согласи на прекин на огнот, кој стапи на сила во 2 часот по полноќ во петокот и засега нема извештаи за негово нарушување.