Израелскaта војска започна со повлекување од Западниот брег, еден војник загина

Еден израелски војник е убиен во бегалскиот камп Џенин, соопшти војската во средата кога започна да ги повлекува своите сили од северниот дел на Западниот Брег по дводневната голема операција во која беа убиени 12 Палестинци.

„Ноќта во вторникот, подофицер на борбена должност беше убиен од боев оган за време на операција против терористичката инфраструктура во кампот Џенин“, соопшти израелската војска.

Двајца очевидци изјавиле за агенцијата Reuters дека виделе конвои со израелски воени возила како заминуваат од Џенин откако се стемнило.

„Израелските трупи почнаа да се повлекуваат од Џенин“, рекла портпаролката на израслките сили без да даде дополнителни детали.

Истовремено, израелската армија соопшти дека од Појасот Газа врз Израел биле истрелани пет ракети, но тие биле успешно пресретнати.

„Пет ракети беа истрелани од Појасот Газа кон израелска територија. Системот за воздушна одбрана на ИДФ (Сили за одбрана на Државата Израел) успеа да го пресретне целиот ракетен оган“, се вели во соопштението на војската.

Во операцијата што започна во понеделникот загинаа 12 Палестинци, од кои најмалку пет борци на милитантните движења и еден израелски војник.

Во Џенин, надлетуван од беспилотни летала, продавниците останаа затворени во вторникот, вториот ден од операцијата што мобилизираше стотици израелски војници во градот и блискиот бегалски камп.

Палестинскиот министер за здравство Маи ал-Каила на прес-конференција во вторникот вечерта ја нарече израелската операција „агресија што му пркоси на меѓународното право“.