Еден цивил загина во четвртокот како резултат на противтенковски проектил лансиран од либанска територија кон возило во селото Матат во Горна Галилеја, регион во северен Израел.
Хезболах ја презеде одговорноста за нападот, а силите на ИДФ возвраќаат со артилерија. Ова е четврти напад за кој одговорноста ја презема Хезболах од утрово.
Во средата, министерот за одбрана Јоав Галант се состана со општинските водачи од северен Израел.
За време на состанокот, Галант изјави дека безбедноста на северните жители ќе биде зголемена со префрлање на Хезболах на северната страна на реката Литани.
Според него, префериран потег би бил дипломатски процес кој би ја направил промената, но доколку нема избор, тоа би можело да се направи преку воени средства.
„Кога ќе ја завршиме борбата во Газа, ќе бидеме во поинаква реалност каде што воените напори ќе бидат најмногу концентрирани на северот, бидејќи ја знаеме пропорцијата меѓу Хезболах и Хамас“, рече Галант.
Според него, „Ќе ги вратиме жителите на северот во нивните домови само кога ќе се создадат услови за тоа и ќе бидеме сигурни дека можеме да им обезбедиме безбедност.
„Сè додека успеваме во Газа, работите ќе бидат појасни овде. Секој човек во Либан може да направи мапа, воздушни фотографии од Газа, да ја стави на воздушна фотографија од Бејрут и да се запраша дали тоа е она што сака да се случи таму. Колку појасни ќе бидат нашите достигнувања, толку појасно ќе биде и ова. Постои една опција дека ќе постигнеме поинаков договор што може да биде сличен на договорот 1701, со меѓународно посредништво. Тие ќе го почитуваат нашето присуство, нашето постоење и нашата безбедноста, а ние ќе ја почитуваме другата страна“, потенцираше министерот за одбрана.
Тој истакна дека „втората опција е дека ќе мора да го направиме истото со сила. Не сакаме војна, но ако дојдеме до ситуација да треба да воспоставиме безбедност овде, нема да се воздржиме, исто како што не се воздржавме на југ“.