Израелски министер кон Гутереш: „Во кој свет живеете?“

Господине генерален секретар, во кој тоа свет живеете?, запраша во вторникот израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен пред да го откаже состанокот со челникот на Обединетите нации, Антонио Гутереш кој ги осуди „очигледните кршења“ на хуманитарното право во палестинската енклава Појасот Газа од страна на еврејската држава.

„Без соменние, тоа не е нашиот свет… Како можете да договарате прекин на огнот со некој кој се заколнал дека ќе убива и ќе ја уништи самата ваша егзистенција“, праша Коен пред Советот за безбедност при ОН опишувајќи го „бруталниот масакр“ од страна на палестинското исламистичко движење Хамас на 7-ми октомври во јужен Израел мислејќи на барањето за „моментален хуманитарен прекин на огнот“ кој повторно го побара Гутереш.

„Во овие околности одлучив да го откажам својот состанок со генералниот секретар“, им изјави Коен подоцна на новинарите.

Израелскиот амбасадор при ОН, Гилад Ердан отиде и чекор потаму повикувајќи го Гутереш да си поднесе оставка од должнсота прв човек на светската организација.

Портпаролот на Гутереш изјави дека генералниот секретар попладнето по локално време во Њујорк ќе се сретне со семејствата на заложниците кои Хамас ги држи во Газа, пред преставниците на израелската мисија при ОН, но не и со Ели Коен како што претходно било планирано.

Гутереш во вторникот на седницата на Советот за безбедност при ОН го критикуваше Израел поради немилосрдните воздушни и артилериски напади врз Појасот Газа, како одмазнични одговор на дрскиот и смртоносен без преседан напад на Хамас од 7-ми октомври.

Подготувајќи се за најавената копнена инвазија во тесната палестинска енклава каде на мал простор живеат 2,4 милиони луѓе, Израел ги повикува Палестинците да се евакуираат на југот на енклвата или надвор од неа, но двапати беа нападнати таквите колони цивили со повеќе десетици жртви.

„Да се заштитат цивилите не значи да се нареди повеќе од милион луѓе да се евакуираат на југот, каде нема засолништа, нема храна, нема вода, нема лекарства, ниту гориво, а потоа да се продолжи да се бомбардира самиот југ“, рече Гутереш.

Јасно обраќајќи му се на Хамас, радикалното исламистичко движење коешто ја контролира Газа, челникот на ОН, исто така, го осуди користењето на цивилите како „жив штит“, што се смета за воено злосторство, а не беше осудено во ОН кога за тоа руската војска ја обвинуваше украинската во борбите во урбаните средини, а што го потврди и извештајот на Amnesty International за 2022 година.

„Длабоко сум загрижен поради очигледните кршења на меѓународното хуманитарно право на што сме сведоци во Газа. Ниедна страна во вооружен судир не е над меѓународното хуманитарно право“, рече Гутереш.

Гутереш ја повтори острата осуда на нападот на Хамас во Израел и рече дека за тоа нема оправдувања. Рече и дека легитимните „поплаки на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат ужасните напади на Хамас“. „А тие ужасни напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ“, истакна генералниот секретар на ОН.