Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант му се закани во саботата на либанското шиитско движење Хезболах дека либанскиот главен град Бејрут би можел да ја доживее судбината на палестинска Газа, доколку движењето го воведе Либан во војна со Израел.
„Она што можеме да го сториме во Газа, можеме да го сториме и во Бејрут. Ако Хезболај направи такви грешки тука, први коишто ќе ја платат цената ќе бидат граѓаните на Либан“, рече Галант во текот на посетата на северот на Израел, близу границата со Либан.
Додаде декa Хезболах „веќе го вовлекува Либан во војна“.
Последната израелско-либанска војна позната и како „Либанска војна 2006“, „Јулска војна“ и „Втора либанска војна“ е низа воени акции во Либан и во северен Израел која ескалираше откако Хезболах на 12-ти јули 2006 година на израелско-либанската граница грабна два израелски војници.
Израел на тоа договори со блокада, делумна инавазија, бомбардирање и воздушни напади на Либан, а борците на Хезболах возвратија со ракетирања од либанска територија на северот на еврејската држава, потполно запирајќи го функционирањето на деловното пристаниште Хаифа и тамошната важна хемиска индустрија. Линабската војска главно не се мешаше во судирот, кој траеше 34 дена и заврши со примирје склучено на 14-ти август таа година.
Тоа беше четвртата војна меѓу Либан, поточно Хезболах и Израел, а во неа загинаа 1.191 лице во Либан и 165 луѓе во Израел, како и педесеттина странски државјани. Водачот на Хезболах, Саџид Хасан Насралах тогаш им се извини на Либанците за бројот на жртвите.
Хезболах тогаш користеше тактика на герилски напади врз израелските трупи, а многу воени аналитичари сметаат дека во таа војна немало победник. Интересно е што се зголеми поддршката за Хезболах во Либан, додека во Израел се бараше оставка од премиерот Ехуд Олмерт кој призна дека имало грешки во војната, а оставка поради лошото водство на војската поднесе Дан Халутц.
Меѓународните организации за човекови права и либанската влада го обвинија Израел за користење забранети оружја, како фосфорни бомби и касетна муниција врз цивилното население, што подоцна беше и потврдено од израелски функционери.