Во нападот на израелските воздушни сили во предградие на сириската престолнина Дамаск има жртви меѓу цивилното население, објави ноќта кон неделата по локално време телевизијата Al Ekhbariya.
„Пристигнуваат информации за жртви и ранети од квартот Кфар Суса. Таму сега се упатуваат противпожарни екипи и амбулантни возила“, се наведува во информацијата без други поединости
Малку претходно сириската државна телевизија објави дека сириските системи за противвоздушна одбрана одбиле ракетен напа врз регионот на главниот град Дамаск.
Истовремено локалните медиуми објавија дека од подрачјето на градот се слушнале силни експлозии, но без прецизирање. Според службената новинска агенција SANA, бил погоден најмалку еден станбен објект.
Нападот се случи во време кога Сирија се справува со последиците од катастрофалниот земјотрес кој ги погоди северозападните провинции на земјата и соседна Турција, а во кој животите ги загубија најмалку 5.800 Сиријци.
Израел изминатите години изведе стотици воздушни удари во Сирија гаѓајќи позиции на владините сили и на сојузничките шиитски милиции од Либан, Ирак и Иран, во прв ред на либански Хезболах. Меѓутоа, израелската војска никогаш, или многу ретко, ги потврдува таквите напади.