Израелскиот министер за одбрана повикува на истрага за себеси и Нетанјаху за нападот на 7 октомври

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во четвртокот повика на државна истрага за пропустите во нападот на Хамас на 7 октомври, велејќи дека тој самиот и неговиот шеф, премиерот Бенјамин Нетанјаху, треба да бидат под истрага.

Министерот ги даде своите коментари на церемонијата на дипломирање на новите воени офицери, на која присуствуваше и Нетанјаху, чија коалициска влада веќе е потресена од внатрешни конфликти.

„Државната истрага мора да биде објективна, таа треба да се однесува на сите нас, оние кои донесуваат одлуки, како и оние кои ги спроведуваат, па владата, војската и безбедносните агенции. Мора да ме истражи мене како министер за одбрана, мора да го истражи премиерот“, рече Галант додека масата гласно ја поздравуваше неговата изјава.

Нетанјаху ги отфрли претходните повици за национална истрага за нападот на Хамас на 7 октомври, кој го фати Израел неподгготвен и ја поттикна војната во Газа, велејќи дека истрагата за тоа што се случило треба да се спроведе по завршувањето на војната.

Само владата може да одлучува за формирање на Државната истражна комисија, која има широки овластувања и чии наоди имаат тежина. Главниот судија на Врховниот суд ги избира нејзините членови.

Минатата година, по неколкумесечни протести низ целата земја против плановите на владата да ги ограничи овластувањата на Врховниот суд, Галант рече дека владата треба да се откаже од предложениот закон, предупредувајќи дека јавната расправија може да ѝ наштети на националната безбедност.

Нетанјаху веднаш го смени, поради што десетици илјади Израелци излегоа на улиците во знак на поддршка на Галант. Долгогодишниот премиер на крајот попушти и го задржа Галант во кабинетот. Галант оттогаш повторно се судри со Нетанјаху за тоа каква стратегија треба да се води во Газа, што поттикна некои членови на нивната партија Ликуд да побараат негово смена од функцијата.