Израелскиот парламент усвојува реформа на правосудството, најавени големи протести

Израелскиот парламент во понеделник треба да гласа за правосудните реформи со коишто владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху има намера да ги намали овластувањата на Врховниот суд, поради што се најавени и големи протести пред Кнесетот.

Голем протестен собир е најавен пред израелскиот парламент во Ерусалим напладне кога се очекува дека Кнесетот ќе одобри во првото читање еден дел од реформите кои се сметаат за контроверзни.

Десетици илјади Израелци со седмици протестираат против намерата на владата намерно да го ослабе влијанието и моќта на Врховниот суд. Стравуваат, исто таа, дека реформите ќе му овозможат на премиерот Нетанјаху да ги избегне евентуалните осуди во постапката со којашто со години му се суди за корупција.

Со предложените реформи парламентот ќе биде овластен со просто мнозинство да укине одлуки на Врховниот суд, а на политичарите им се дава повеќе влијание во именувањето на судиите.

Нетанјаху на почетокот од редовниот седмичен состанок на владата во неделата ги предупреди демонстрантите да не користат насилство.

„Би сакал силно да ги осудам повиците на кршење на законот, на граѓански бунт, намерно да ѝ се нанесува штета на економијата или, дури, да се користи оружје, на што повикуваат оние кои се противат на политиката на владата“, рече Нетанјаху.

Премиерот рече и дека демократските избори му ги дале овластувањата и оти има „јасен мандат од граѓаните на Израел“ да ја спроведува политиката којашто ја промовираше во кампањата.

Нетанјаху, исто така, рече дека граѓаните имаат право да протестираат но „не смее да има повици на насилство, насилно да се дејствува, да се повикува на граѓански бунт, да се присилуваат луѓето на штрајк кои тоа не го сакаат. Тоа е забрането“.

Организаторите на протестите во повикот од понеделникот повикаа да бидат ненасилни, но претходниот период имаше инциденти на лица незадоволни реформи, како и закани со насилства доколку законот да биде усвоен.

Израелски и американски критичари на планираната реформа на правосудството ја гледаат како закана за демократската поделба на власта. Крајно десната религиозна влада, пак, тврди дека Врховниот суд ужива премногу политичко влијание, што сака да го промени.