Израелскиот претседател Исак Херцог за договорот со Хамас: Ова не е едноставна ситуација

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави вчера вечер дека постигнатиот договор со палестинскиот Хамас е „важен чекор“ и е неопходен за враќање на заложниците, што беше прва јавна потврда на Израел за договорот. Херцог, исто така, истакна дека спроведувањето на договорот ќе донесе големи предизвици.

„Ова не е едноставна ситуација; ова е еден од најголемите предизвици со кои некогаш сме се соочиле“, рече тој, според Си-ен-ен.

Тој вети дека ќе ги врати сите заложници, велејќи дека Израел „не ја исполнил својата должност“ да ги заштити. Тој ги повика луѓето да покажат чувствителност кон семејствата на заложниците, вклучително и оние кои се „длабоко повредени“ од договорот и се загрижени дека нивните најблиски нема да бидат меѓу 33-те лица што се очекува да бидат вратени во првата од трите фази.

Израелскиот претседател му се заблагодари на премиерот Бенјамин Нетанјаху и на преговарачкиот тим и ја понуди својата поддршка.

Тој ги повика владата и кабинетот да го одобрат договорот кога ќе им биде претставен и им се заблагодари на посредниците од Катар, Египет и САД, вклучително и новоизбраниот претседател Доналд Трамп и неговиот тим.

Претходно кабинетот на премиерот Нетанјаху соопшти дека тој ќе и се обрати на јавноста само кога договорот ќе биде „запечатен и завршен“.

Договорот прво мора да биде одобрен од кабинетот за безбедност и од целата канцеларија на кабинетот, изјави во понеделникот висок израелски функционер за Си-ен-ен.