Израелскиот воен извоз минатата 2020 година изнесувал 8,3 милијарди американски долари, односно 6,7 милијари евра, а повеќето од тоа било наменето за области во Азија и Пацификот, објави во вторникот израелското министерство за одбрана.
„Ова е вториот историски рекорд, по 2017 година со 9,3 милијарди долари и претставува зголемување од милијарда долари, или 15 отсто, во споредба со претходната 2019 година“, наведува израелското министерство за одбрана.
Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм го стави Израел на осмото место на листата на извозниците на оружје во светот во 2020 година. Според оваа студија, главни купувачи на израелското оружје се Индија, Канада, Виетнам и Азербејџан кој во 2020 година водеше голем конфликт со Ерменија.
Министерството за одбрана извести дека најважните извозни производи во 2020 година биле радарските системи и системите за рано предупредување со 16 отсто, по што следат испораките на оружје и муниција, потоа беспилотните воздушни системи и дронови со 15 отсто.
„Голем успех претставува тоа што среде пандемијата има зголемување на воените извози“, оцени генералот Јари Кулас од Управата за меѓународна координација при министерството за одбрана.
Продажабата на оружјето во азиските и пацифичките региони, што го вклучува и Блискиот исток, претставуваат 44 отсто од вкупната продажба, 30 отсто од извозот е насочен во Европа, 20 отсто во Северна Америка, 4 отсто во Африка и 2 отсто во Јужна Америка, наведува израелското министерство без да ги прецизира поединечно земјите.
Со оваа трговија како голем добавувач на оружје за Азербејџан, Израел во 2020 година индеректно бил вклучен во судирот во областа Нагорно Карабах.
Последните пет години Израел бил главниот снабдувач со оружје на Азербејџан, пред Русија, со продажба вредна повеќе од 740 милиони долари, според споменатиот стокхолмски Меѓународен институт за мировни истражувања.