Врховниот суд на Израел во вторникот пресуди дека ултраортодоксните студенти од традиционалните еврејски училишта (јешива) мора веднаш да се регрутираат во израелската војска и повеќе не ги исполнуваат условите за значителни владини бенефиции, што може да резултира со повлекување на ултраортодоксните пратеници од коалициската влада и нејзино рушење.
Одлуката уследи по сличната одлука на Врховниот суд во март, со што беше донесена наредба за стопирање на државните субвенции за ултраортодоксното студирање во овие училишта, наместо да одат на воената служба. Неколку денови подоцна, законот за изземање истече, а на негово место не беше изготвен нов закон.
Одлуката уследи по неколкугодишните контроверзии, во кои некогаш малото ултраортодоксно малцинство прерасна во заедница која сочинува повеќе од 12 отсто од населението, чии политички партии ги поддржаа коалициите на премиерот Бенјамин Нетанјаху во замена за продолжувањето од нивно ослободување од воениот рок.
Тие се најбрзо растечкото малцинство и добиваат владини субвенции за овие приватни училишта (јешива), верски и општествени организации. Политичарите со години ветуваат дека ќе ги прекинат, осудувајќи ги системите кои дозволуваат нивните квази-автономни општества да постојат во рамките на Израел, а притоа и да се избегнуваат даноците (бидејќи малкумина работат) или воената служба (затоа што малкумина се пријавуваат).
Сега, многу Израелци велат дека повеќе не можат да си дозволат да ги поддржуваат.
Тензиите станаа поостри во периодов на актуелната војна во Појасот Газа, од 7 октомври, кога Хамас уби околу 1.200 луѓе во Израел и зема околу 250 како заложници во Газа. Како резултат на војната загинаа повеќе од 37.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа, кои не прават разлика меѓу борци и цивили, но велат дека мнозинството од загинатите се жени и деца.
На границата со Либан, Израел војува со групата Хезболах, поддржана од Иран. Контратерористичките рации се зголемуваат и на Западниот Брег, каде што Хамас и другите вооружени милитантни групи регрутираат со години.
На сите фронтови, израелски војници се убиваат во голем број, а незадоволството кон ултраортодоксните се зголемува.
Според истражувањето на Институтот за политики на еврејски народи (JPPI), непартиска тинк-тенк со седиште во Ерусалим, 81 отсто од еврејските Израелци се за промена на ултраортодоксното изземање, при што 45 отсто поддржуваат „присилни“ мерки и 36 отсто претпочитаат „убедувачки“ методи.
„Војната ја заостре потребата за учество на сите сегменти на општеството во носењето на товарот на безбедноста на земјата и огромното мнозинство Израелци веруваат дека треба повторно да се преговара за социјалниот договор“, вели Шуки Фридман, потпретседател на JPPI.
Според него, и ултрапраортодоксните, исто така, се соочуваат со дилема.
„Од една страна, тие сакаат да ја спречат оваа катастрофа, од нивна перспектива. Но, од друга страна, ако владата падне и оди на избори, резултатот може да биде помалку добар и тие можат да добијат уште помал компромис за својата страна“, рече тој, мислејќи на опозициските политичари кои гласаа во пресрет на Нетанјаху и ветија дека ќе претставуваат широк спектар на ставови.