Израелските сили убија локален командант на исламистичкото движење Хамас во петокот во градот Џенин, на третиот ден од големата операција на окупираната од 1967 година палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан), соопшти во петокот израелската војска.
Војската соопшти дека силите на граничната полиција го убиле извесен Васем Хазем, за кој се тврди дека бил командантт на единици на Хамас во Џенин, кој бил вклучен во оружени и бомбашки напади на палестинска територија.
Двајца други борци на Хамас кои се обиделе да побегнат од автомобилот во кој сите патувале биле убиени од дрон, се вели во соопштението. Во возилото било пронајдено оружје, експлозиви и големи количества пари. Хамас сѐ уште не се огласил во врска со израелското соопштение.
Во селото Забабдех, недалеку од Џенин, запален автомобил со дупки од куршуми се потпира на ѕидот каде што возачот удрил со возилото откако бил бркан од израелската специјална единица, велат локални жители кои контактирале со Reuters.
Локален селанец, 25-годишниот Саиф Ханам, рекол дека еден од двајцата мажи кои побегнале од возилото бил убиен пред неговата куќа од напад на мало беспилотно летало кое ги скршило прозорците, додека другиот маж бил убиен недалеку. Ханам рекол дека израелските сили ги извадиле телата, но големи локви крв останале на теренот каде што рекол дека мажите биле убиени.
Инцидентот доаѓа додека израелските сили продолжуваат со големата операција во која учествуваат стотици војници и полицајци, започната во раните утрински часови во средата во Џенин и Тулкарм, уште еден нестабилен град на северниот дел на Западниот брег, како и во долината на реката Јордан.
Израелски оклопни транспортери поддржани од хеликоптери и беспилотни летала влегоа во Џенин и Тулкарм во петокот, додека оклопните булдожери ги уништиваат бомбите покрај патиштата поставени од милитантните групи.
Ескалацијата на непријателствата на Западниот брег доаѓа во време кога борбите меѓу израелските сили и милитантите на Хамас сè уште беснеат во Појасот Газа, речиси 11 месеци по почетокот, а се интензивираа судирите со либанското шиитско движење Хезболах во израелско-либанската погранична област.
Во првите два дена од операцијата на Западниот брег, загинаа најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и локалниот командант на силите на Исламскиот џихад во Тулкарм.
Од нападот на Хамас врз Израел во октомври минатата година, што ја предизвика војната во Газа, според палестинските податоци, повеќе од 660 Палестинци најмногу цивили и десетици вооружени борци, се убиени на Западниот брег.