Израелските сили пронајдоа тела на четворица заложници од Газа

Во средата израелските сили пронајдоа тела на четворица заложници грабнати во напад на Хамас на 7 октомври, а кои оттогаш се држат во Газа, соопшти израелската армија.

Телата на пронајдените жртви им припаѓаат на тројца војници и на 56-годишна воспитувачка во градинка, убиени по нападот во кибуцот Нир Оз, жртва на смртоносната напад без преседан според масовноста и организираноста на Хамас врз воени бази, насели и градови во јужен Израел, што беше поттик за разорната војна во Газа.

Нивните тела биле извлечени од областа Кан Јунис во јужна Газа, каде израелските сили започнаа нови напади претхоно оваа седмица.

Пронајдените заложници припаѓале на група од 120 кои сè уште се држат во заробеништво во Газа. Третина од нив беа прогласени за мртви во отсуство од страна на Израел, врз основа на форензички наоди, разузнавачки информации, испрашувања на заробени милитанти, видео снимки и сведочења на ослободените заложници.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќањето пред американскиот Конгрес во средата рече дека неговата влада е вклучена во интензивни напори за ослободување на преостанатите заложници. Тој е убеден дека овие напори ќе бидат успешни.

Израелската делегација следната седмица, со посредство на САД, Египет и Катар, ќе учествува во преговорите за обезбедување прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, изјави израелски претставник. Хамас порача дека сака договор за прекин на огнот за да се стави крај на војната во Газа. Сепак, Нетанјаху вели дека војната не може да заврши пред Хамас да биде целосно уништен.