Израелските сили уапсија 240 Палестинци и членови на медицинскиот персонал

Според Министерството за здравство на енклавата и израелската војска, израелските сили уапсиле повеќе од 240 Палестинци, вклучително и десетици членови на медицинскиот персонал, како и директорот на болницата во северниот дел на Појасот Газа во која извршиле рација.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека е загрижено за Хусам Абу Сафија, директорот на болницата „Камал Адван“, бидејќи дел од персоналот ослободен од израелската армија доцна во петокот сведоче дека биле претепани од војници.

Израелската војска во соопштениет тврди дека болницата наводно била користена како команден центар за воените операции на движњето Хамас и дека уапсените се осомничени милитанти. Абу Сафија бил приведен на сослушување бидејќи е осомничен дека е оперативец на Хамас, додаваат воени извори.

Во петокот Хамас го отфрли како лага израелското тврдење дека за време на веќе 15-месечната војна во Газа, неговите борци оперирале од болница. Милитантното движење сѐ уште не го коментираше апсењето на 240-те луѓе.

Рацијата на болницата, една од трите медицински установи на северниот раб на Појасот Газа, ја стави вон функција последната голема здравствена установа во северна Газа, се вели во соопштението на Светската здравствена организација (СЗО).

„СЗО е згрозена од вчерашната рација. Систематското распаѓање на здравствениот систем и опсадата на северниот дел на Појасот Газа, која трае повеќе од 80 дена, ги става во опасност животите на 75.000 Палестинци кои остануваат во областа“, се вели во соопштението на СЗО.

Некои пациенти биле евакуирани од болницата „Камал Адван“ во индонезиската болница во Џабалија, којашто од поодамна не е во функција. Медицинскиот персонал бил спречен да им се придружи таму, соопшти Министерството за здравство во Газа. Другите пациенти и персоналот биле пренесени во други медицински установи.

Израелската армија соопшти дека пред оваа операција биле присилно евакуирани 350 пациенти и членови на медицинскиот персонал, додека за време на операцијата, во координација со локалните здравствени власти, уште 95 се евакуирани во индонезиска болница, чија изградба делумно ја финансираше Индонезија.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека 18 Палестинци биле убиени во израелските напади врз енклавата во саботата, од кои најмалку девет во куќа во бегалскиот камп Магази во централниот дел на Појасот Газа. Израелската армија не ги коментираше извештаите за нападите или жртвите.