Израелските сили убиле тројца палестински милитанти на Западниот брег

Израелските сили во рација во палестински село во Западен брег (на реката Јордан) во близина на градот Џенин убиле тројца припадници на движењето Исламски џихад за кои тврдат дека биле осомничени за напади во оваа енклава којашто меѓународната заедница ја смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година.

Исламски џихад потврди дека убиените мажи се нивни припадници. Израелската војска за нив објави дека се осомничени за повеќе вооружен напади во селото Џаби, југозападно од Џенин, каде во јануари беа исто така убиени двајца вооружени припадници на Исламски џихад, како и во областа на блиската еврејска доселеничка Хомеш.

Инцидентот се случи истиот ден кога американскиот министер за одбрана Лојд Остин престојуваше во посета на Израел, каде се очекуваат разговори за растечкото смртоносно насилство на Западниот брег, каде што повторно доаѓа до израелски напади врз Палестинците и палестински врз израелски цивили.

Агенцијата Reuters повикувајќи се на локалните жители пренесува дека рано утрото се слушале интензивни истрели и биле забележани израелски војници на улица на која останал автомобил испрскан со крв.

Во израелското соопштение се наведува дека вооружени напаѓачи отвориле оган од својот автомобил кога израелските сили влегле во областа. Се додава и дека двајца од убиените се членови на Исламски џихад, како и уште еден вооружен осомничен.

Израелската полиција соопшти и дека запленила две пушки и еден пиштол, како и експлозивни направи, и уапсила уште три осомничени лица.

Според Ноаман Халилеи, сопственик на локала гаража во близина на местото на инцидентот, рекол за Reuters дека израелските безбедносни сили ја одземале неговата безбедносна камера и ги избришале фотографиите од неговиот мобилен телефон.

Операцијата на израелските сили следи неколку дена откако нејзини припадници упаднаа во бегалскиот камп во Џенин и убија шест вооружени палестински милитанти, вклучително и припадник на движењето Хамас кој бил осомничен за убиство од 26-ти февруари на двајца браќа од еврејска населба на Западниот брег/

Палестинското министерство за здравство соопшти дека 14-годишно момче, рането во престрелката во Џенин во текот на израелскиот упад, починало од здобиените рани.

Израелските сили со месеци речиси секој ден изведуваа упади на Западниот брег, во кои се уапсени илјадници лица а убиени се повеќе од 200 Палестинци, вклучително и милитанти и цивили. Во истиот период во палестински напади убиени се повеќе од 40 Израелци.