Израелските спасувачи си заминуваат од Турција поради „сериозни закани“

Израелската волонтерска организација за итна медицинска помош „United Hatzalah“ во неделата објави дека ги прекинува спасувачките операции во Турција поради „сериозни закани“ за безбедноста на нејзините екипи на теренот.

Организацијата наведува во соопштението дека решила да ја „прекине мисијата и што поскоро да се вратат во Израел“ поради „сериозни закани за израелската спасувачка мисија во Турција“.

Агенцијата AFP истакнува дека „United Hatzalah“ одлуката ја објавиле на Twitter, но подоцна ја отстраниле таа објава.

Спасувачите од бројни земји деновите на социјалните мрежи споделуваат видео-снимки и фотографии од своите операции во југоисточната провинција Кахраманмараш, епицентарот на земјотресот во Турција.

„За жал, добивме информации за конкретна и непосредна закана за израелскиот тим и не смееме да ја загрозиме безбедноста на нашиот персонал“, наведува споменатата невладина организација, но не сакаше да открие поединости за карактерот на заканата, ниту за изворот на информацијата.

Спасувачките екипи на израелската војска ги продолжуваат своите операции за спасување и давање помош во Турција, каде што имаат полски болници, изјавиле за AFP израелската амбасада во Анкара којашто по долгогодишната турско-израелска дипломатска криза минатата година повторно започна со работа во целосен капацитет.

И Magen David Adom, кој всушност е израелски пандан на Црвениот крст, ги продолжува операциите во Турција, изјавил неговиот портпарол за француската новинска агенција.

Во разорниот земјотрес кој во понеделникот ги погоди Турција и Сирија во неделата до пладнето беа потврдени вкупно 33.179 загинати, повеќе од 29.605 на југот на Турција и повеќе од 3.500 во четирите погранични провинции во Сирија. Според пресметките на Обединетите нации, таа бројка би можела да се „удвои“.

Веста за заминувањето на волонтерите од израелската невладина организација доаѓа по одлуката на австриската војска и германската организација за привремено прекинување на операциите.