Израелските војници случајно убија тројца заложници во Газа

Израелските војници случајно убиле тројца заложници во Газа, откако погрешно ги сметале за закана за време на операцијата против баталјонот на Хамас во градот Газа, изјави во петокот портпаролот на израелската армија Даниел Хагари.

Набргу по инцидентот во областа Шејаија, се појавија сомневања дека убиените би можеле да бидат заложници, потврди Хагари, откако Хамас за инцидентот извести претходно во четвртокот. Телата потоа биле однесени на израелска територија на подетален преглед. Потврдено е дека се работи за израелски заложници.

„Ова е трагичен инцидент, армијата сноси целосна одговорност“, продолжи Хагари и додаде дека армијата веднаш започнала истрага за инцидентот.

Хагари нагласи дека Шејаија е „активна борбена зона“ во која последните денови се водеа борби и изрази сочувство до семејствата на заложниците.