Изрекувањето на пресудата на Трамп е одложено до по изборите

Пресудата на Доналд Трамп во судскиот процес за плаќање на поранешната порно-ѕвезда Сторми Даниелс е одложена за по претседателските избори во ноември, објавија во петокот медиумите.

Адвокатите на Трамп искористија неколку правни маневри за да го одложат изрекувањето на пресудата, кое беше закажано за 18-ти септември.

Хуан Мерчан, судија на Врховниот суд во Њујорк, ја одложи пресудата во петокот и ја закажа за 26-ти ноември. Како една од причините за одложувањето, тој ја наведе „уникатната временска рамка во која моментално стои ова прашање“. Додава дека случајот бара „пресуда што целосно се фокусира на одлуката на поротата“.

„Нивната пресуда мора да се почитува и да се пристапи на начин што не се разводнува со сериозноста на претстојните претседателски избори“, додаде судијата Мерчан, согласувајќи се да го одложи изрекувањето до точно три седмици по изборите на 5-ти ноември.

Адвокатите на Трамп побараа одложување, а подоцна неуспешно се обидоа по втор пат да го префрлат случајот пред федералниот суд.

Во мај, поротата во Њујорк го прогласи Трамп за виновен по 34 точки од обвинението за фалсификување. Ова е првпат сегашен или поранешен претседател на САД да биде осуден за кривично дело. Поротата го прогласи Трамп за виновен за фалсификување документи за да ги прикрие плаќањата за молкот на порно-ѕвездата Сторми Даниелс пред објавата на кандидатурата за изборите во 2016 година.

На Трамп потенцијално му се заканува затворска казна до четири години, но судијата Мерчан, исто така, има опција да му досуди парична казна, условна или пократка затворска казна.