Изучувањето на Тората нема веќе да ги ослободува Евреите од служење војска

Израелските власти почнаа да ги повикуваат ултраортодоксните студенти на Јешива (еврејски религиозни училишта) да служат во израелската армија.

На некои студенти од Јешива, на кои претходно им беше издадено одложување од службата, сега им е испратена наредба да се пријават на регрутација.

Се проценува дека околу 63.000 студенти во моментов се запишани во Јешива училиштата.

Единствена окупација на студентите во овие училишта до сега беше само изучувањето на Тората, и беа ослободени од служење во израелската армија.

Со текот на годините, како што растеше израелското население, значително се зголеми и бројот на овие студенти, при што нивното изземање од воената служба стана спорно политичко прашање во земјата, а особено сега, кога Израел спроведува воена операција во Појасот Газа.

Стотици ултраортодоксни демонстранти веќе неколку недели протестираат, барајќи да не се носи законот со кој им се наложува и ним да служат во израелската армија.

Припадници на екстремистичката група Ерусалимска фракција блокираа голем автопат во Израел пред градот Бнеи Брак во понеделникот за време на демонстрациите против задолжителната регрутација, при што полицијата уапси најмалку шест лица. Тие држеа натписи на кои пишуваше „Во затвор, а не во војска“ и „Сталин/Русија е тука“ и „Ќе умреме наместо да војуваме“.

Неодамна во Израел контроверзијата за регрутацијата се врати во прв план откако десничарската влада предводена од Бенјамин Нетанјаху се обиде да одобри Нацрт-закон со кој ултраортодоксните Евреи се исклучуваат од воена служба и се зголемува периодот на задолжително служење од 32 на 36 месеци.

Прашањето за регрутирање на ултраортодоксните Евреи кои избегнуваат воена служба под изговор дека се посветуваат на проучувањето на Тората отсекогаш било „трнливо“ прашање во израелското општество.

Главниот израелски сефардски рабин Јицак Јосеф претходно во март се закани дека ултраортодоксните Евреи ќе ја напуштат земјата доколку бидат принудени да служат војска.

Деновиве, во Израел се случија масовни демонстрации, во кои освен оставка од премиерот Бенјамин Нетанјаху, се изразуваше и гнев поради владината отстапка за ултраортодоксните мажи. Иако веќе истече рокот за израелската влада да го реши долгогодишниот ќор-сокак  околу ослободувањето  од служење војска за ултраортодоксните мажи,  Врховниот суд, сепак, и даде рок на Владата до 30 април да поднесе дополнителни аргументи за ова прашање.

Во четвртокот, израелскиот Врховен суд повторно нареди суспензија на државните субвенции за ултраортодоксните Евреи кои студираат во религиозните училишта, наместо да одат на воена служба. Одлуката на судиите наведе дека постојниот систем ги привилегирал ултраортодоксните Израелци на сметка на секуларната еврејска јавност.

Министерот за одбрана Јоав Галант изјави дека нема да дозволи сегашниот привилегиран статус на ултраортодоксните Евреи во врска со нивното учество во војската да продолжи во иднина.

-Ги цениме и ги поддржуваме оние кои ги посветуваат своите животи на проучување на светите еврејски списи, но без да се гарантира физичкото постоење, не е можно да се гарантира духовното, рече Галант во средата.

Според израелскиот закон, еврејските израелски државјани на возраст над 18 години се обврзани да служат воен рок.

Откако ќе се пријават, мажите служат три години, а жените две години. По ова, од мажите се бара да вршат период на „резервна услуга“ секоја година, додека тоа е доброволно за жените.

Сепак, постојат некои исклучоци. Израелската армија не регрутира арапски Израелци, но тие може да изберат да волонтираат. Исклучоци се даваат и на медицински, правни и верски основи. Ултраортодоксните Хареди Евреи исто така не се обврзани да служат војска.