Извештај: Германската армија е во лоша состојба

Германските вооружени сили Бундесверот се соочуваат со проблеми поврзани со стареење и недоволно персонал, се вели во извештајот за воените сили што го претстави во вторникот комесарката на Бундестагот (парламентот), Ева Хогл.

„Бундесверот се намалува и старее. Мораме да ја зголемиме атрактивноста на германските вооружени сили во најкус можен рок“, рече комесарката на Бундестагот за Бундесверот Ева Хогл од владејачката Социјалдемократската партија на Германија (SPD) при претставувањето на редовниот годишен извештај за состојбата на воените сили во Бундестагот.

Според овој извештај, 181.514 војници служеле во Бундесверот во 2023 година, што е за 1.537 помалку отколку во претходната 2022 година. Според Хогл, се намалува и бројот на заинтересираните за воена служба.

„Повеќе од 20.000 работни места во вооружените сили останаа непополнети минатата година“, рече Хогл.

Лоша е состојбата и кога станува збор за инфраструктурата и касарните.

„Просториите за туширање се во катастрофална состојба, просториите за спиење се руинирани, а кујните во некои случаи се затворени со години“, се вели во извештајот.

„Состојбата во која се наоѓаат зградите е делумно срамна и несоодветна за службата на војниците“, вели социјалдемократската политичарка.

Во „загрижувачка“ состојба е и воената опрема, се наведува во извештајот. „Има недостиг од муниција, резервни делови и уреди за ноќно набљудување“, вели Хогл.

Посочи дека од 100 милијарди евра коишто германската влада го издвои по руската инвазија во Украина за вонредниот фонд за Бундесверот, двете третини веќе однапред се резервирани за некои проекти, како и дека уште отсега е видливо дека тие 100 милијарди евра нема да бидат доволни за модернизација на Бундесверот.

„Зголемувањето на воениот буџет за неколку милијарди евра годишно ќе биде неизбежно“, рече Хогл.

Извештајот ги критикува и „непотребните бирократски процеси“ во рамките на Бундесверот, меѓутоа бележи и напредок во таа област.

Во извештајот се споменуваат и 204 дисциплински прекршоци со радикално десничарска заднина, но се заклучува дека тоа е многу мал број во споредба со бројот на војници.

Канцеларот Олаф Шолц ја нарече руската инвазија „пресвртница“ и вети дека Германија ќе ја надгради својата војска. Меѓутоа, овој извештај покажува дека оваа промена се случува многу бавно.