
Министерството за здравство информира дека трета седмица по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица според податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 3-ти до 9-ти август.
Институтот извести дека во споменатиот период се направени вкупно 9.543 тестирања (1.8 отсто помалку од периодот 27 јули –2 август) и регистрирани се 816 позитивни случаи на Covid-19, што претставува намалување за 10,5 отсто споредено со претходната седмица.
Во периодот на известување повторно намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 8,6 отсто, во споредба со последните две седмици кога 9,4 отсто односно 10 проценти од тестираните беа позитивни. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4 отсто), во Штип (11,3 отсто) и во Гостивар (10,4 отсто). Во 16 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи на короназаразата е под 20.
Во однос на старосната структура на новозаболените и во овој период најголем процент се лица над 60 години – 25,9%, а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30-39 години – 18,4%. Во возрасната група 40-49 години се 17,9% од новозаболените, а во групата 50-59 години – 17,2%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години – 1,6% и 10-19 години 4,0%. Од случаите, кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 78 лица или 13,6% од новозаболените, а кај 196 лица или 34,3% е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени во овој период 34,8% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 8 лица (13 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот од 3 до 9 август се регистрирани 1.038 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е благо зголемување во споредба со претходниот период. Во периодот од 3 до 9 август, регистрирани се 25 смртни случаи, што е намалување од 13,8%, во однос на минатата недела, кога исто беше забелжано намалување на бројот на смртни случаи. Најголем дел од случаите се лица над 60 години – 56,0%. Во болнички услови се починати 21 од случаите, а четири вон болнички. Кај 19 од смртните случаи (76,0%) регистрирани се претходни коморбидитети.
Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за состојба со Сovid-19 во за периодот 3-ти до 9-ти август како и кумулативна состојба со Сovid-19 во земјата се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk.