Извештај на ОН: Северна Кореја развива нуклеарно оружје, ги избегнува санкциите

Северна Кореја продолжи да развива нуклеарно оружје и да произведува нуклеарен фисиски материјал во 2023 година, избегнувајќи ги санкциите на Обединетите нации со цел да се прекине финансирањето на нуклеарните и балистички ракетни програми на Пјонгјанг, се вели во необјавениот извештај на светската организација.

„По рекордните нивоа на кибернетички кражби во 2022 година, проценети на 1,7 милијарди долари, хакерите од КНДР (Северна Кореја), наводно, продолжиле успешно да целат криптовалути и други финансиски размени на глобално ниво“, напишале независните набљудувачи на санкциите во извештајот до Советот за безбедност на ОН, во кој увид во четвртокот имала агенцијата Reuters.

Набљудувачите, кои известуваат пред Советот за безбеднсот двапати годишно, претходно ја обвинија Северна Кореја дека користи сајбер напади за да го помогне финансирањето на нејзините нуклеарни и ракетни програми. Северна Кореја ги отфрли обвинувањата за хакерски или други кибернетички напади.

Мисијата на Северна Кореја во Обединетите нации во Њујорк не одговорила веднаш на барањето на Reuters за коментар за споменатиот извештај.

Претходно во четвртокот, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го разрешил од должноста врховниот воен генерал и повикал на дополнителни подготовки за можности за избувнување војна, зголемено производство на оружје и проширени воени вежби, објави државната новинска агенција KCNA.

Северна Кореја е под санкции на ОН поради нејзината нуклеарна и балистичка ракетна програма од 2006 година. Тие мерки беа едногласно зајакнати со текот на годините, но 15-членото тело сега е во ќорсокак бидејќи Кина и Русија вршат притисок да ги олеснат за да го убедат Пјонгјанг да се врати во разговори за денуклеаризација.

Набљудувачите на ОН за санкции навеле дека хакерите кои работат за севернокорејското Главното биро за извидување (RGB), нејзината главна разузнавачка агенција, „продолжија да користат сè пософистицирани сајбер техники за кражба на средства и информации“.

„Компаниите во секторите на криптовалутите, одбраната, енергетскиот и здравствениот сектор, беа особено целени. КДРК продолжи да пристапува до меѓународниот финансиски систем и исто така се вклучи во незаконски финансиски операции“, напишале набљудувачите во резимето на извештајот, кој треба да биде објавен во наредните седмици.

Набљудувачите известиле и за континуиран нелегален извоз на јаглен и „богатиот избор на мерки за избегнување на санкциите спроведени од бродовите коишто доставуваат рафинирани нафтени производи во КНДР“. Северна Кореја, исто така, набавила 14 нови бродови кршејќи ги санкциите.

„Иако границите на земјата остануваат главно затворени, обемот на трговија се зголеми, главно поради обновувањето на железничкиот сообраќај. Голем број странски стоки брзо повторно се појавија“, напишале набљудувачите, додавајќи дека продолжиле да го истражуваат нелегалниот увоз на луксузни стоки.

Набљудувачите навеле и дека го разгледуваат и наводниот севернокорејски извоз на воена комуникациска опрема и муниција и „можни случаи на продажба на оружје“.