Извештај на САД: BMW, Jaguar и VW користеа забранети кинески делови

Американската царина мора да ја зајакне контролата на увозот на автомобили поради можни забранети делови од Кина, утврди Комитетот за финансии на американскиот Сенат, заклучувајќи дека производителите BMW, „Volkswagen“ и „Jaguar Land Rover“ не биле темелни во проверката на кинескиот добавувачи.

Така, BMW увезувал автомобили, „Jaguar Land Rover“ делови а „Volkswagen“ произведувал автомобили со делови од кинеската групација „Sichuan Jingweida Technology“, која е забранета во САД поради наводно принудна работа на припадници на муслиманкото туркофоно малцинство Ујгурите, се вели во извештајот на Комитетот за финансии на Сенатот на САД.

„Производителите на автомобили ги закопуваат главите во песок, а потоа се колнат дека не нашле докази за принудна работа во нивните синџири за снабдување“, рече претседателот на одборот Рон Вајден.

„Очигледно, не е доволно да се потпреме на компаниите и нивните механизми за следење, затоа ги повикувам царинските и граничните служби да преземат низа конкретни мерки за максимизирање на спроведувањето на законот и елиминирање на компаниите кои поттикнуваат срамна употреба на принудна работа во Кина“ додаде Вајден.

Извештајот, „Недоволни проверки: Автомобилските производители соучесници во принудната работа на ККП“ (Комунистичката партија на Кина), е резултат на двегодишна истрага на Комитетот на Вајден.

САД го забранија увозот на стоки произведени, според „Законот за спречување на принудна работа на Ујгурите“, со принудна работа во фабриките во кинеската покраина Ксинџијанг.

На почетокот на годината илјадници автомобили од луксузните германски марки „Audi“ и „Porsche“, беа заглавени пред американските пристаништа поради царински проверки за делови од кинеско производство.

Германскиот деловен весник Handelsblatt тогаш објави дека „проблематичната“ компонента била инсталирана во 13.000 нови автомобили од подружниците на VW – „Audi“ и „Porsche“ и британската луксузна марка на VW – „Bentley“. Според Finanscial Times, компонентата се произведува во западна Кина и е забранета во САД поради прописите против принудната работа.

Од „Volkswagen“ тврдат дека не знаат каде е произведен, бидејќи добавувачот го вградил во поголема компонента. Информациите ги добил од добавувачот и им ги предал на американските власти.

Во меѓувреме, претставници на Комитетот за финансии на американскиот Сенат открија дека BMW испратил илјадници возила во САД со делови забранети според „Законот за принудна работа на Ујгурите“.

Автомобилските компании првично негираа дека ги користеле забранетите делови, но потоа „ја сменија плочата“, по повеќекратните прашања од претставници на финансискиот комитет. BMW објави дека испорачал најмалку 8.000 возила „Mini Cooper“ во САД со делови од спорната кинеска компанија.