Извештајот на ЕК нотира дека во Македонија смрди од корупција, вели Пандов

Кога ќе ги собереш сите буџети од кога дојдоа во 2017та година, 28 милијарди евра имаат потрошени до денеска. А нема ниту еден единствен проект, се утепаа од лажење, вели Александар Пандов, претседател на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата Студио 10 на телевизија 24.

Во однос на извештајот на Европската комисија за напредок, Пандов посочи дека овој извештај е најлош, но е одраз на реалноста, додавајќи дека претставниците на ЕУ го гледаат криминалот на власта.

На секој чекор смрди од корупција. И сето тоа го гледаат претставниците на ЕУ, и ние тоа со години го зборуваме. Но доколку не се реформираме самите себе ние можеме само да сонуваме со Европската унија, додаде тој.

Според Пандов нема дел каде што владата на СДС и ДУИ нема направено грешка, како и дека на изборите без разлика дали ќе бидат споени или одделни, граѓаните ќе ги казнат.

Пандов вели дека од партиски интерес на ВМРО-ДПМНЕ им одговара изборите да се одделни, но од домаќински причини тие треба да се споени за да не се трошат парите на граѓаните.

10 милиони евра се многу пари за Македонија, за да ги фрлиме ние баш во ветар о од домаќински гледано ние велиме изборите да се споени. Но, ако гледаме чисто партиски интерес, нас повеќе ни одговара да се одделни, рече тој.